четврток, 26 февруари 2026

Објавени неодамна пронајдените оригинални писма од 17 век – царот Леополд во заштита на македонскиот народ

Во Штип во свечената сала на Факултетот за образовни науки при универзитетот „Гоце Делчев“ се одржа промоција на книгата под наслов „Оригиналниот ракопис од прогласот и останатите печатени прогласи на царот Леополд Први од 1690 година со кој го зема македонскиот народ под своја заштита“ од авторите Џони Тодоровски од Холандија и м-р Александар Донски од Штип.

 

Објавено на

часот

Сподели

Книгата ја промовираше академик Стојко Стојков (професор по историја на УГД од Пиринскиот дел на Македонија). Во книгата за првпат во јавноста е објавен оригиналниот ракопис од Прогласот на царот на Светото Римско Царство Леополд Први. Тој под своја заштита го земал македонскиот народ откако претходно кај него на прием биле двајцата Македонци, Марко Краида од Кожани и Димитрија Ѓорѓи Поповиќ од Солун, кои го замолиле царот да објави ваков Проглас. Интересно е тоа што преписот на овој Проглас кај нас досега повеќе пати е објавен, но никаде не е споменато како можеле овие двајца Македонци да бидат примени од царот Леополд Први кој во тоа време бил еден од најмоќните луѓе во светот. Кај нашите историчари постоеше дилема во врска со ова. Благодарение на оригиналниот ракопис на текстот од Прогласот (што неодамна го откри Џони Тодоровски во Државниот архив во Виена) јасно е навестен начинот на кој овие наши сонародници биле примени од царот Леополд. Едноставно, тие биле офицери (капетани) во неговата војска, кои под своја команда имале неколку стотици војници, па како такви побарале и реализирале прием кај царот по што тој го објавил својот Проглас за заштита на македонскиот народ.

Фактот дека тие биле офицери во војската на Светото Римско Царство беше изоставен во досега објавените преписи на овој Проглас кај нас, па со оваа книга се разјаснува оваа дилема. Освен овој Проглас, во книгата (која е двојазично објавена на македонски и на англиски) се објавени и ракописите на други прогласи во кои е спомната Македонија.

Книгата е во издание на Македонскиот институт за културни, јазични и научни студии „Хелиос“ со седиште во Холандија, чиј претседател е Џони Тодоровски. Организатор на промоцијата беше Факултетот за образовни науки при УГД. Модератор на промоцијата беше проф. д-р Оливер Цацков, а извадоци од книгата читаше студентот по историја и археологија Анастасија Донска.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ