вторник, 7 април 2026

Објавен прв том од избрани дела на Томислав Османли

Книгоиздателството „Виг зеница“ го објави романот „Дваесет и првиот“ на македонскиот писател Томислав Османли. Станува збор за првата книга од повеќегодишниот проект на објавувањето избрани дела од истакнатиот писател, прозаист и драмски автор.

Објавено на

часот

Сподели

„Романот ‘Дваесет и првиот’, кој го носи поднасловот ‘Книга на фантазми’, во 2010 ја доби наградата ‘Роман на годината’ што ја утврди и тогаш ја доделуваше ‘Утрински весник’. Во 2010 година со одлука на уште едно мериторно жири – д-р Ферид Мухиќ, д-р Луан Старова и д-р Наташа Аврамовска, беше македонски кандидат за престижната регионална книжевна награда ‘Балканика’, која таа година се доделуваше во Валона, Албанија, а ја доби истакнатиот писател Исмаил Кадаре, а романот ‘Дваесет и првиот’ беше второпласирана книга од страна на меѓународното жири меѓу повеќето балкански кандидати на тој избор за ‘Балканика’“, се вели во соопштението од тимот на Османли.

„Дваесет и првиот“ првично беше објавен од страна на издавачката куќа „Блесок“ и доживеа две изданија во нашата држава и повеќе преводи: на англиски (Марија Џоунс и Метју Џоунс), руски (Олга Панкина), хрватски (проф. д-р Борислав Павловски), српски (Зоран Ж. Пауновиќ), црногорски (Марина Ѓуровиќ-Маркоска, претходно проф. Нена Вујадиновиќ), бугарски (Марин Петров) и на арапски јазик (Ханд Адел), во сите тие средини, како што се истакнува во соопштението, проследен со суперлативи од книжевната критика.

„Рецензии, одломки од романот и интервјуа со авторот беа објавувани во регионалните весници и списанија, на програмите на третите програми на Хрватското радио и на Радио Белград, а египетската национална телевизија Nile TV од Каиро на романот, македонскиот идентитет и историја и на нашите преродбенски личности, кои се истовремено и ликови ро романот, му посвети едночасовна емисија во разговор со преведувачката на ‘Дваесет и првиот’, меѓу другото, и како прва македонска книга преведена на арапски јазик. Втората програма на Радио Белград објави серија одломки од македонскиот роман, во поголем број продолженија. Белградскиот портал за култура и уметност BG ed culture овој македонски роман го прогласи за еден од петте најдобри странски книги поредени во Србија во 2015 година. Посебните изданија на ‘Дваесет и првиот’ беа претставувани на саемите на книгата во Лајпциг, Белград, Москва, а арапското издание и на големите саеми во Каиро, а потос и во Алжир, Саудиска Арабија, Судан, Кувајт и Мароко“, се додава во соопштението.

За романот на Османли пишуваа Божидар Алајбеговиќ, Јагна Погачник, Теута Бутучи, Радојичиќ… а кај нас своите највисоки оценки ги искажаа членовите на жирито на наградата „Роман на годината“: Димитар Башевски, д-р Науме Радически, Манчо Митевски, како и литературните автори и критичари Глигор Стојковски, д-р Венко Андоновски, Златица Петковска, Бојан Иванов, Мирјана Јанческа, Билјана Билјановска, д-р Наташа Аврамовска и д-р Јелена Лужина.

Книгата од наредната седмица ќе може да се најде во книжарниците Литература и Или-или.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ