Конкурсот, како што соопштија од дирекцијата на СВП, ќе трае до 20 февруари годинава, а лауреатот ќе биде објавен на Светскиот ден на поезијата – 21 Март.
Кандидатите, млади поети (под 35 години), треба да испратат три копии од дебитантската книга со која конкурираат, издадена во претходните две години и најмалку седум песни од истата книга преведени на англиски јазик, како и кратка биографија на англиски јазик на поштенската адреса на Струшки вечери на поезијата или преку националните комисии за УНЕСКО на државите членки. Апликацијата треба да се поднесе и во електронска верзија на веб-адресите на СВП.
Наградата „Мостови на Струга“ вклучува статуетка, паричен износ и објавување на книга на добитникот во превод на македонски јазик. Лауреатот ќе биде поканет да учествува на „Струшките вечери на поезијата“ во Струга, што секоја година се одржува последната недела од август, кога и ќе му биде врачена наградата на манифестацијата „Мостови“.

Наградата „Мостови на Струга“ е востановена во 2003 година, како дел од опсежната соработка со УНЕСКО, а по повод прославата на Светскиот ден на поезијата – 21 март, со цел да се стимулира, промовира и афирмира поетското творештво, како еден од најзначајните креативни изрази на човештвото.






