Ова издание, со внатрешната композиција и организација, со продлабочената анализа и деталните информации коишто овозможуваат „Жаби“ од Аристофан да се исчитува одново во севкупниот контекст на aнтичката книжевност, како и во рамките на големата слика за историјата на книжевноста, не само што го реактуелизираат, туку и значајно можат да го доближат овој исклучително значаен драмски текст до новите генерации читатели. Предговорот на изданието е рамен на студија преку којашто не само што детално се анализираат и објаснуваaт спецификите на Аристофановата комедија „Жаби“, туку и се овозможува продлабочено согледување на античкиот книжевен текст воопшто во контекст на книжевната историја и на книжевната комуникација во која испраќачот на пораката е антички автор, а којашто за современиот реципиент е умножена метакомуникација. Одделно значајно, преку овој предговор, македонскиот читател добива информации и толкувања што овозможуваат да има вистинска, јасна претстава за творечката личност на Аристофан во рамките на големата слика на книжевниот и културниот, но и општествениот развој, како и во контекст на развојот на филологијата.
„Она што го издвојува Аристофан од другите хеленски автори е неговата, во многу нешта, нестандардна метаморфоза. Наспроти спонтаниот, или можеби програмски, популизам in statu nascendi Аристофан во својот ‘живот после животот’ (Nachleben) никогаш не (о)станал популарен поет. Континуитетот го должи на својот аристократски поетски хабитус кој (о)станал ментална провокација за спекулативен подвиг на, во својата област исто така, аристократски (најдобри) спиритуси. По големото хеленистичко суредување на богатата хеленска книжевна продукција, Аристофан најверојатно ќе исчезнеше од елитистичките работилници на учените филолози да не беше љубопитноста, не толку научна колку снобовска, на римските граматичари кои ги зачувале текстовите на Аристофановите комедии како чувари на парадигми од чист антички говор. Иако во овој случај Аристофановиот текст функционира само како лингвистички фактор, како извор на лексички материјал, што значи со целосно нарушен (занемарен) интегритет, сепак треба да бидеме благодарни за овој случаен отпор кон гладното време (tempus edax), кој заедно со редица други случаи придонесе по дваесет и пет векови да ги имаме единаесетте во целост зачувани Аристофанови комедии како единствено, во интегрален облик, сведоштво за хеленската античка комедија. Очигледно науката подобро чува и заштитува од уметноста. Многу попопуларниот Менандар со повеќе повторени изведби на своите комедии и со опстојување и надвор од рамките на античкиот културен круг, во далеку поголема мера остана затворен во своето време и само фрагментарно достапен за нови комуникации“, истакнува меѓу другото Томовска.
Белешките во изданието се исклучително детални и не се класични појаснувања и дополнувања на преведувачот, туку имаат за цел на читателот што повеќе да му ја добилжат секоја специфика на Аристофановата „Жаби“, но едновремено, преку неа, за денешниот читател стануваат многу поразбирливи многу особености на античкиот драмски текст.






