недела, 14 декември 2025

Нова книга на Виктор Габер од областа на политичката социологија

Во издание на Сигмапрес од Скопје, деновиве излезе од печат книгата „Каде оди нацијата – глобализацијата и одумирањето на нацијата“ на дипломатот и политиколог Виктор Габер.

Објавено на

часот

Сподели

За разлика од неговите претходни дела од областа на политичката социологија, „Дипломатијата и политиката“, (издавач:  Универзитет Америкен колеџ Скопје, 2013) и „Митот алатка во политиката“ (Сигмапрес, Скопје, 2021), во најновото дело на Габер се следат појавата, развојот и кохезионите бенефити за народите од појавата на нацијата. Притоа се анализираат развојните фази во цивилизацискиот ộд на човештвото и попатните општествени трансформации кои доведуваат до подривање на таа кохезиона улога на нацијата. Појавата, пак, на национализмот во политичката практика, во минатото и денес, предизвикува невидени човечки трагедии и девастација на материјалните и духовните вредности на многу народи.

Авторот посветува особено внимание на напорите за воспоставување на механизми на меѓународен план (па и договори за сојузи) за надминување на постојаните тензии и судири меѓу државите, произлезени од политики засновани на националистички основи. Паралелно, постигнатиот повисок степен на развој кај т.н. западни, поранешни колонијални држави, предизвика глобална тенденција за неселективно воедначување на општествените и економските текови во политичката практика на државите со поинаков историски и социјален развој. Следењето на таа потреба за учество во глобалните промени кај последниве држави создаде нивни внатрешни вонинституционални, коруптивни и криминални состојби, кои придонесоа и за нова „преселба на народите“, емиграција на храбри и стручни кадри од земјите во развој кон западните релативно стабилни демократии и државни системи.

Во таа нова глобална социо-економска состојба на светски план, каде што технолошкиот напредок (па и вештачката интелигенција) и силниот мотив за нови профити на мултинационалните компании ги рушат суверените „национални“ граници, дојде до натамошно слабеење на центрипеталните сили на нацијата, како во земјите во развој, така и во земјите на т.н. западен свет.

Заради овие глобални реалности, книгата на Габер повикува на акција за енергија, доследност и визија за здружување на силите за изградба на идно, хумано општество, засновано на стабилни и инклузивни односи меѓу народите полни со емпатија, а за надминување на дискрепанциите во развојот на народите. Ова затоа што глобализацијата, независно од актуелните премрежија, како цивилизациски придонес за порамномерен развој на планетата, го обезличува колективниот импулс на нацијата, а објективно станува носител на општествениот придонес на единката и поширока афирмација на нејзиниот идентитет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ