Во своите рецензентски осврти, низа истакнати критичари и проследувачи на македонската поезија и книжевност едногласно ќе ја оценат поетската книга „Ништоцвет!“ како врвно достигнување во поновата македонска поезија. Подвлекувајќи го фактот дека „Ништоцвет!“ е антологиско дело на поновата македонска поезија, Венко Андоновски ќе ја окарактеризира најновата поетска книга на Клетников како „симфонија испреплетена од мрачна и светла музика, од полифон и импрегниран метафоричен израз“.
Ферид Мухиќ, нагласувајќи го маркантниот и оригинален поетски идентитет на овој автор, кој на македонската поезија ѝ даде нов квалитет и свежина, оцени дека во својата најнова поетска збирка „Филип Клетников семантички инвентивно и поетски суптилно ги развива изворните филозофски и естетски постулати на својата поетика низ тематизирање на фундаменталните категории на светот и граничните ситуации на животот.“
Смилевски, пак, ќе ја подвлече автентичноста и неконвенционалноста на поетскиот глас на Клетников, кој во својата најнова поетска книга смело зачекорува од другата страна на спознајното и познајното, соочувајќи го читателот со остро поставувани прашања, без задршка, прашања кои водат кон релјефот на внатрешното човеково битисување, кон неговите скриени, тешко доловливи и разгатливи конвулзии.
Филип Клетников е поет, есеист, раскажувач, препејувач и преведувач. Покрај „Ништоцвет!“, има објавено четири поетски книги и една книга кратка проза. Моментално е докторанд и предавач на Катедрата за германистика и скандинавистика при Орегонскиот универзитет во Јуџин, САД.






