сабота, 12 јули 2025

Наскоро „Записи од надземјето: чудесии“ од Божин Павловски во издание на МАНУ и „Матица“

„Записи од надземјето: чудесии“ е книга со записи коишто не се само огледало на повеќедецениската опседнатост на Павловски со македонските работи, туку се и изворници на факти и ставови што се клучни за македонската историја.

Објавено на

часот

Сподели

Во издание на Македонската академија на науките и уметностите и „Матица македонска“, наскоро ќе биде објавена книгата „Записи од надземјето: чудесии“ од академик Божин Павловски – еден од најреномираните и најчитани македонски писатели и еден од најреферентните интелектуалци и двигатели во македонското општеството во втората половина на XX и во XXI век. Станува збор за книга со записи коишто не се само огледало на повеќедецениската опседнатост на Павловски со македонските работи како што има нагласено академик Гане Тодоровски, туку се и изворници на факти и ставови што се клучни за македонската историја, особено за периодот непосредно пред и по осамостојувањето на Македонија до денес. И тоа изворници не само за сето она што се има случено и за не многу афирмирани податоци, сознанија и согледби, туку и за пропуштени шанси, можности и години кога не секогаш се прифаќала критиката на општественик од ваков формат.

Впрочем, ова е прва книга на Павловски од ваков вид, записи во кои се преплетуваат публицистичкото и документарното со белетристичкото мајсторство, но е резултат на неговата повеќедецениска посветеност како активен чинител, гласен, остар и објективен критичар на македонската општествена стварност, а не нем набљудувач на настаните.

„Незамисливо е творецот да биде исклучен од настаните што ја одбележуваат неговата епоха. Во нашиов случај, кога транзиционите процеси им се закануваат на основните вредности, недозволено е да се молчи или премолчува. Треба да се искористат сите изразни форми за да се влијае на прогресот“, нагласува и самиот Павловски.

Книгата „Записи од надземјето: чудесии“, всушност, овозможува и поттикнува да се согледа и колку македонската општествена стварност би била поинаква ако во децениите зад нас, особено оние на македонската самостојност, навремено се чуеше и разбереше гласот на македонскиот интелектуалец при носењето судбоносни одлуки за државата.

Со објавување на своите записи, како одделен жанр, покрај расказите, а потоа и романите, Божин Павловски започнува уште во 1962 година, а како што нагласува самиот, своите први вистински колумни ги има објавено во 1988 и 1989 година.

„Во една од нив, од Мелбурн алармирав дека Грција е целосно подготвена за распадот на нашата федерација и премиерно му објави на светот дека постои резервна македонска нација со грчка самосвест и со грчкиот јазик како мајчин. За жал, во таа 1988 година нашите граѓани беа опседнати со приватизацијата на народните имоти. Рамно 30 години подоцна дојде за плаќање сметката. Со Договорот од Преспа беше прифатена таа непостојна македонска нација со грчка култура и јазик, и наместо да се поедноставува македонското прашање со веќе богато творештво, тоа уште повеќе се заплетка во мрежата на балканските пропаганди“, се присетува и коментира Павловски.

Од тој период наваму, Божин Павловски, неуморно, со години алармира, апелира и анализира, во неговите записи за коишто меѓу првите афирмативно се има изјаснето академик Георги Старделов. Македонската јавност, сега, преку книгата „Записи од надземјето: чудесии“ за првпат има можност голем дел од тие записи да ги прочита на едно место, а со тоа и да има поцелосна слика, не само за ставовите и улогата на Павловски во изминатите децении, туку и за македонската реалност.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ