Во образложението за изборот жири-комисијата што ги оценуваше доспеаните трудови се беше наведено дека поемата „Темна кутија“ отскокнува од останатите дела со поетски елементи, ја следи логиката на наративот од почеток до крај и вешто создава слики во главата на читателот…
„Темна кутија“ претставува длабока духовна и егзистенцијална исповед на лирскиот субјект, кој преку долга драматична исповед го претставува сопствениот судир со судбината, смртта, поезијата и смислата на човечкото постоење. Поетот се искачува до архангелски височини, но судбината збор го исфрла од небесниот благослов. Овој мотив е трансформација на библискиот и митскиот пад – не како казна за гордост, туку како вечен поучен престој меѓу два света. Во тој пад присутна е и идентификација со Сизиф и Феникс: осуден на повторно издигнување. Лирскиот субјект се наоѓа „загубен“ меѓу смртта и раѓањето, без да знае дали е мртов или сè уште жив – што укажува на длабока егзистенцијална криза.
„Преку автопоетска исповед, авторот создава современ мит за поетот како истовремено роб и владетел на своите зборови, како грешник со голема душа. Борбата со темнината, стремежот кон светлината, чувството на смисла и бесмисла – сето тоа ја прави поемата сведоштво за големиот човеков обид да најде правда во светот, а мир во себе. ‘Темната кутија’ е централниот симбол на делото. Во неа поетот и бара Бога, но и среќава пеколните тишини, злото и заборавот. Кутијата е, всушност, сопствената свест – сопственото чистилиште…“, се наведува во образложението.
Братислав Ташковски е поет, романсиер, драмски писател и новинар. Роден е на 11 септември 1960 година, во Скопје. Ги објавил следните книги поезија: „Прсти во облаците“ (1987), „Бикови во мојот крвоток“ (1989), „Опасна хартија“ (1991), „Ангелот и жедната муза“ (1994), „Демоника“ (1997), „Мојот кинески меч“ (2001), „Дом над домовите“ (2002), „Попладнето на еден оптимист“ (2003), „Песни од минатиот век“ (2004), „Гола земја“ (2005), „Големата љубовна песна“ (2006), „Бегството од Ерусалим“ (2007), „Само ангел“ – избор од поезијата на албански јазик (2007), „Хаос под небото“ – избор од поезијата (2008), „Окото на ангелот“ (The Eye of the Angel) – избор од поезијата на англиски јазик (2008), „Зборови во напад“ (2009), „Парчиња време“ (Парчета време) – избор од поезијата на бугарски јазик (2009), „Заклучен во тишината“ (2010), „Chaos under Heaven“ – избор од поезијата на англиски јазик (2011), „Лоши песни“ (2013), „Писма до ангелот“ (2014), „Другиот ангел“ (2015), „Цртани жени“ (2017), „Небесни разговори“ (2021), „Затворање на кругот“ (Затварање круга ) – избор од поезијата на српски јазик (2021), „За сите времиња“ (2023), „Записи на идниот старец“ (2025).
Автор е на драмите „Гола земја“, „Ноќ спроти Свети Никола“ (поставена на сцената на Народниот театар во Штип), „Беше еднаш“ (поставена на сцената на Народниот театар во Струмица), проектот „Шишков и ништо не е важно“.
Негови се и романите „Ако даде Господ“ (2008), „Кафез од гревови“ (2010), „Расцепен ум“ (2011). Според овој роман е снимен играниот филм „Златна петорка“, посветен на стреланите струмички студенти, „Актерот – роман за Ристо Шишков“ (2012), „Години од слама“ (2019). Автор е на книгата есеи „Линија на усвитеност“ (2000). Автор е на сценариото за документарниот филм „Кој го кодошеше Ристо Шишков?“
Делови од неговото поетско творештво се преведени на руски, шведски, турски, црногорски, романски и русински јазик.
Добитник е на наградите и признанијата „Студентски збор“, „Млад борец“, „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“, „Ацо Шопов“, „Антево перо“, „Државната награда за најдобра книга од областа на публицистиката“ (Мито Хаџивасилев – Јасмин) и на „Државната награда „23 Октомври“, признание „Поетска ноќ во Велестово“, признание „Битолски книжевен круг“.
Од 1999 до 2002 година бил претседател на Управниот одбор на поетската манифестација Струшки вечери на поезијата.
Застапуван е во многу антологиски избори од македонската поезија. Покренувач е и главен уредник на списанието за книжевност и култура АКТ.
Наградата на лауреатот ќе му биде врачена во рамките на „Прличевите беседи“, манифестациајта што се одржува секоја година на почетокот на февруари, со која се одбележува годишнината од смртта на поетот Григор Прличев.






