недела, 14 декември 2025

Нaградата Антево перо за 2025 за стихозбирката „Ние сме Ева“ од Оливера Андоноска

Жири-комисијата за доделување на наградата Антево перо едногласно донесе одлука наградата за годинава да ѝ припадне на стихозбирката „Ние сме Ева“ од Оливера Андоноска.

 

Објавено на

часот

Сподели

Од пристигнатите 70 стихозбирки, во потесен избор за наградата влегоа осум стихозбирки: Мимоза Рајл – „Кој ги пали сите ѕвезди“, ЕмељТуна – „Пу, пу не важи“, Анета Велкоска Ода – „Каде се пресоблекува непостојаниот збор“, Оливера Андоноска – „Ние сме Ева“, Владо Поповски – „Под некое друго небо“, Владо Јаневски – „Молкозбор“, Шифра: Живот во засек – „Женопојки, митопојки“ и Кирил Ангелов – „Твоја, Таговина“.

Во жири-комисијата членуваат проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови). Тие го изразија задоволството од одличниот одзив за оваа награда.

„Трагањето низ сопствената, лична историја понекогаш значи да се нурнеме толку длабоко што ќе дојдеме до сржта на сопственото битие. На тоа патување не сме сами зашто зборот нè следи постојано бидејќи тој е изворот на сè. Токму таква генеологија сугерира ова инспиративна поетика од која е создадена збирката ‘Ние сме Ева’ од Оливера Андоноска и заради тие квалитети сосема заслужено ја понесува наградата ‘Антево Перо’ за 2025 година. Поетскиот израз на Оливера Андоноска е создаен од јасни поетски слики надополнети со графички интервенции кои одлично комуницираат со поетскиот текст и придонесуваат во создавањето на една целосна слика за пораките кои се пренесуваат. Балансираната употреба на поетските изразни средства создава поезија која е ненаметлива, навидум едноставна, но која има внатрешна, скриена порака која остава на читателот самиот да ја пронајде и соодветно на сопствените искуства и познавања на нештата да ја декодира. Употребата на универзалните симболи отвора можности за бројни интертекстуални читања од кои дел се сугерирани од самата авторка, а дел можеме да ги пронајдеме, пред сè во македонската книжевност, но и во делата на светските книжевни великани. Преку употребата на симболот на Ева, Андоноска нема за цел да го истакнува женскиот принцип во чиста феминистичка смисла. Нејзината цел е да укаже на унијата на машкиот и женскиот принцип, на заедништвото на духот и душата кои потоа се отелотворуваат во плодот на нивната љубов – детето. Таа унија има корен во ѕвездите, ќе каже Анте Поповски и со помош на зборот, кој е целиот универзум и целиот вруток од кој е создаден светот кој го поимаме како таков се пренесува пораката на предците. И во Антевата ‘Света песна’, Ева и Адам се единство кое, иако е обременето со првиот грев, сепак љубовта е таа која создава универзални вредности и која е нераскинлив дел од тоа единство. Меѓу сите нив е детето и неговото детство во кое, зборот е семето и од него се раѓаат универзуми на едно постоење. Целовитоста на нештата никогаш не е еднострана. Таа не е Јас, туку е Ние, било да се работи за мајката и детето, за мажот и жената, за темнината и светлината, за денот и ноќта. Затоа, сите сме Ева – душата што е во единство на духот, на мноштвеното Едно“, соопшти жири-комисијата.

Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ традиционално ја доделува и наградата „Антев златник“ која оваа година, комисијата одлучи да им припадне на: Анета Велкоска Ода, за збирката „Каде се пресоблекува непостојаниот збор“ и Владо Јаневски за збирката „Молкозбор“.

„Зборот кој нè следи секојдневно ја има таа создателна моќ да креира универзуми, да руши светови, да моли и да сака, да биде најдобриот лек или најгоркиот отров. Тој е во постојано движење, недофатлив е и тогаш кога сме помислиле дека го имаме тој се лизга низ нашите прсти како жива вода, како повеј кој час е тука, а час го снемува. Во тоа постојано менување на зборот можеме да се прашаме каде тој се менува, каде се пресоблекува во некоја друга форма? Микроскопското око кое гледа низ стиховите на Анета Велкоска Ода, упатува на тоа дека сите нешта започнуваат од зборот и тоа влажниот збор кој е зачеток во космичкото јајце, како принцип на животот. Потоа, тој збор се пресоздава во пеперутка, менувајќи ги познатите нејзини фази за веќе во наредниот циклус да се стори пепел од кој фениксот израснува во високо стебло. Во телото на тоа стебло се животните сокови кои се хранат од небото и достигнуваат до месечината која е мајка на човекот. Тој се раѓа од светлината на новиот збор, кој е тајна заклучена во неговото срце. Со неговата смрт се создава нов јазик на животот, јазикот на љубовта кој се пресоздава во песна. Песната е збор на срцето, јазик на душата и кога целиот круг ќе се затвори повторно сè се сведува на зборот. Изведена со силна и сложена употреба на поетските фигури, поезијата од оваа збирка е впечатлива и уникатна. Нејзината повеќезначност отвора можности за многу читања и филозофски размисли за животот и постоењето, квалитети со кои се доближува и до поезијата на Анте Поповски.

Тишината во која живеат неискажаните мисли секојдневно е наша сопатничка. Гласноста на таа тишина наоѓа свое место многу често во уметноста која ја создаваме макар да е таа и најобична секојдневна активност. Во самотијата на своето постоење, поетот гради цели светови и во нив ги населува своите мисли кои инаку нема да ја здогледаат светлината на денот. Во една таква архитектура на постоењето живее и поезијата на Владо Јаневски во која молкот и зборот наизменично се менуваат. Танцот на мислата на поетот патува низ сеприсутните реминисценции на нештата кои одамна се во минатото, притоа враќајќи ги случките од детството со нова свежина и наоѓајќи го во нив коренот на сопственото постоење слично како што и Анте Поповски пее за детето во неговиот роден крај. Иако поетот е свесен за смртта и минливоста на животот, тој на сопствениот залез не гледа како на конечен крај и смислата на сопственото постоење ја гледа во обичните нешта. Притоа, мелахолијата, која е неминовно присутна, се заменува со радост на тоа постоење и искажаниот збор се доживува како катарза, како искажана вистина која останува да сведочи за еден исполнет живот“, образложи жири-комисијата.

Во потесен избор за наградата „Антев часовник“ влегоа стихозбирките на Ива Шајноска – „Збирка“, Вероника Димоска – „Омеѓување“, Костадин Узунов – „Гравитација кон Индомина“, Софија Тодороска – „Првото утро на цутарот“ и Николина Савеска – „Патот кон себе“.Наградата „Антев часовник“ за 2025 година е доделена на Софија Тодороска за поетското сочинение „Првото утро на цутарот“ и Вероника Димоска за збирката песни „Омеѓување“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ