Овој натпревар во организација на Културниот центар Интерарт во соработка со Амбасадата на Франција во Македонија и Францускиот институт во Скопје, ќе биде отворен за млади балетски уметници помеѓу 16 и 20 години, кои ќе може да депонираат свои кандидатури во текот на оваа есен и ќе бидат селектирани според прецизни уметнички и технички критериуми.
Селектираните кандидати ќе треба да подготват специјална и однапред одредена програма што тие ќе ја изведат во живо, пред интернационално жири, во текот на Скопје танц Фест, во периодот од 15 до 20 април 2026.
Наградениот уметник/ца ќе има можност да престојува една недела во Париз, Франција престој под менторство на Ѕвездата Роксан Стојанов што вклучува часови и професионални средби.
Наградата Роксан Стојанов ќе има Почесен одбор, кој ќе придонесе со својата работа за развој на оваа иницијатива во земјава, но и на регионално ниво, на Балканот.
Роксан Стојанов е извонредна уметница, која својата танцова кариера ја започнува во Скопје, а понатаму се развива низ европски школи, влегува во Школата на Париската опера и се оформува како уметник со високи уметнички перформанси.
Во декември 2024 година, таа е прва балерина од македонско потекло која е прогласена за Ѕвезда на Париската опера.
Во април 2025 година ја прими Наградата Менада за извонредни достигнувања во областа на танцот, на 21-то издание на фестивалот Танц Фест Скопје.
Во својата кариера Роксан Стојанов изведува врвни улоги во дела од класичниот и современиот репертоар на Париската опера, со која гостува на интернационалната сцена низ Европа, Америка, Кина и Јапонија.






