Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на свеченото отворање им посака успешна работа. Потенцира дека со многу љубов, разбирање, работа, почит и визија стигнале до првиот официјален концерт на новоформираната национална установа од областа на културата Националниот џез оркестар и додаде дека се продолжува традицијата и музичка култура што ја имаше телевизискиот оркестар на МРТ.
„Решивме почетокот да го одбележиме со македонски композитори, а во иднина на нашите концерти ќе свириме и Френк Синатра и многу познати светски џез автори, со што публиката ќе ужива“, најави директорот Стевковски.
Информира дека освен во Скопје ќе имаат концерти и во Центрите-Домовите за култура во градовите низ земјава, а со цел публиката да може одблиску да ги запознае.
Сенад Усеин кој свири труба во оркестарот за МИА вели дека како музичар кој работеше во бендот е пресреќен што се формира Национачниот џез оркестар чиј член е и тој.
„Огромен труд кој беше вложен конечно се оствари со нашиот прв концерт на Националниот џез оркестар. Благодарност до министерката и нашиот директор Гоце Стевковски и сите наши соработници кои ни помогнаа да се оствари овој чекор, а се што следува понатаму со нетрпение го очекуваме“, истакна Усеин.
Трајче Велков прва труба во оркестарот чија композиција беше изведена на концертот исто така истакна дека е пресреќен што по седум години работа на бендот конечно е формиран Национален џез оркестар.
Тој информира дека нивните концерти се многу посетени што за нив е огромно задоволство. Очекуваат наскоро да работат во просторијата на поранешната Килимара во Националната опера и балет, што им беш доделена од министерството пред нова година.
Еден од доајените на македонската џез музика и член на поранешниот џез оркестар на МРТ Радослав Шутевски за МИА, истакна дека е еден од првите подржувачи на овој Национален џез оркестар.
„Овој оркестар ни недостасуваше, порано го имавме во МРТ, но повеќего нема. Овие млади талентирани школувани џез музичари се’ и ќе бидат продолжувачи на тој веќе непостоечкиот џез оркестар на МРТ и им посакувам врвни успеси“, потенцира Шутевски, кој 30 години е член на групата Синтезис.