ОФФ-Фест 2022 ќе го отвори, на 1 јуни, извонредниот македонски етно состав Перија, како и маестралниот тандем на две наши исклучителни творечки фигури Добрила&Дориан дуо, со домашна концертна премиера на музичкото ремек-дело, албумот „Апокриф“ (SJF Records, 2021).

Мајсторството во изведбата на африканската кора што, во рамките на втората фестивалска вечер (2 јуни), ќе го сподели виртуозниот инструменталист Балаке Сисоко од Мали, во комбинација со рафинираниот пост-тропикализмичен звук на триото на гитаристот и композитор Лукас Сантана, еден од клучните и најжешки актери на бразилскиот нов бран, создаваат услови за беспрекорно музичко искуство.

Третата фестивалска вечер (3 јуни) е резервирана за електро-психоделичниот музички огномет на колумбиските тропски велемајстори Лос пиранас. На овој настап ќе му претходи прикажувањето на ланската сензација – документарниот филм “The Rumba Kings”, посветен на конгоанската румба.

Конечно, на 4 јуни, величенствената моќ и уникатната разновидност на италијанската пејачка Мариа Мацота, ќе ја пресретне волшебната интерпретација на националниот музички стил на Зелено’ртските острови (Кабо Верде), популарната „морна“, од страна на една од најреномираните уметници што го истражуваат и чуваат ова огромно музичко наследство – Nancy Vieira. Фестивалот ќе го заклучи експлозивниот и фуриозен хајлајф фанк на многучлениот афробит колектив Сантрофи од Гана.

Билетите за 21. Оффест се достапни на билетарниците на НОБ и МКЦ, како и онлајн преку mktickets.mk.






