петок, 30 мај 2025
Интервју

Владимир Четкар: Да бидеме тоа што сме

Ако нешто сум научил во животов, е дека не знам уште колку полни месечини ќе видам, колку пати ќе седнам на фамилијарен ручек. Не знаеме, бидејќи кратко живееме, а имаме огромни емоции, огромни чувства, или што велат Италијаниве, имаме големи срца, а кратки животи. И таа е истата приказна во нашето секојдневие, и затоа сакам да ја поканам публиката да проследи едно мое остварување, четврти студиски албум на 8 мај во Јавна соба, насловен „Let us be“, бидејќи сѐ е напишано од инспирација од секојдневни случки, од љубов, од  предизвици инспирации, жртви, и заедно да го прославиме мигот, бидејќи ништо не е поважно од тоа да го славиме животот, да си простиме, а не да мислиме дека ќе живееме вечно и да тераме инаети едни со други, вели џез гитаристот и автор Владимир Четкар.

Објавено на

часот

Сподели

Можеби најголемиот извоз на музички производ во светот, претставува четвртиот албум „Let Us Be“ на нашиот и светски џез гитарист и автор Владмир Четкар, чиј прв промотивен концерт од интерконтиненталната турнеја ќе се случи на 8 мај со почеток во 21 часот на поткровјето во Јавна соба (Public Room) во Скопје. Ова остварување е сработено со голема посветеност и комплетна вклученост на Четкар во комплетната реализација, а снимено е во Чикаго со повеќе од 40 музичари и саунд инжинери.

Неговиот космополитски музички дух, харизматична и непосредна појава која повеќе од дваесетина години го одржува на светската сцена, со новиот албум кој беше ексклузивно објавен во Јапонија преку музичката куќа P-Vine Records, веќе се најде на полиците на јапонските музички продавници рамо до рамо со имињата на легендите како Брус Спрингстин и Џими Хендрикс. Сепак, неговата скромност и океанска широчина го мотивира дома да го даде најдоброто, и на концертот во Скопје ветува сплотеност и емоции, сѐ со добра намера да се вратат вистинските вредности во секој аспект на живеењето а особено во уметноста. Четкар, албумот го „везел“, токму како што неговото семејство своевремено изработувало четки за секаква намена кои ќе траат долго. Јасен повод за интервјуто во кое зборувавме за новата музичка авантура, за патувањата, искушенијата, пожртвуваноста…

Владимир Четкар, дипломец на престижниот „Berklee College of Music“ во Бостон, веќе две децении успешно ја гради својата меѓународна кариера, постојано балансирајќи помеѓу Македонија и САД. Роден во Охрид, денес половина година настапува на повеќе светски меридијани.

Албумот „Let Us Be“, како и досегашните негови проекти, го потврдува Четкар како комплетен автор – композитор, аранжер, продуцент, текстописец, диригент и изведувач. Сниман е во реномираните студија Electrical Audio во Чикаго и Hi-Fi Studios во Милвоки, со учество на живи гудачки, дувачки и ритам-секции.

Македонската публика има ексклузивна можност да присуствува на првиот концерт од најавената турнеја во Америка и Јапонија и воедно премиерно, пред Њујорк и Окава,  во живо ќе ги слушне композициите од вашиот нов албум „Let Us Be“. Што да очекуваме на 8 мај?

Најважно од сѐ во животов ми е, енергијата разменета  со луѓе, со пријатели, со непознати. Ако нешто сум научил во животов, е дека не знам уште колку полни месечини ќе видам, колку пати ќе седнам на фамилијарен ручек. Не знаеме, бидејќи кратко живееме, а имаме огромни емоции, огромни чувства, или што велат Италијаниве, имаме големи срца, а кратки животи. И таа е истата приказна во нашето секојдневие, и затоа сакам да ја поканам публиката да проследи едно мое остварување, четврти студиски албум, насловен „Let us be“, бидејќи се е напишано од инспирација од секојдневни случки, од љубов, од  предизвици инспирации, жртви, и заедно да го прославиме мигот, бидејќи ништо не е поважно од тоа да го славиме животот, да си простиме, а не да мислиме дека ќе живееме вечно и да тераме инаети едни со други. Треба да научиме да се сакаме како народ, како планета, и од таму насловот на албумот, оставете не да живееме какви што сме, и како што сакаме. Ова ќе биде искрен концерт. Особено ми е драго кога свирам дома, со мојот состав, на свое тло, ветувам искри, емоции и квалитетна музика.

И минатиот концерт исто беше во просториите на Јавна соба. Со какви впечатоци си заминавте тогаш, и зошто се враќате повторно таму?

-Најважната мисија ми е да бидам поттикнуван или инспириран од една урбана енергија, која сега е во криза, и не само кај нас, туку во целиот свет. Во 60. 70. 80.,  имаше таква енергија во мејнстрим сцената, а потоа се загуби тој природен тек на емоционална енергија, како на пример долгите кадри во филмот, трпението на создавање на скулптури како оние на Микеланџело, така и со музиката, таа сензација и сензуалност ја загубивме. Луѓето конзумираат инстант уметност, со празни пораки и емоции. Се прашувам, зошто денеска не можеме со толку интензитет да ги чувствуваме нештата, тоа сакам да го вратиме како луѓе, и затоа се враќам во Јавна соба, местото го чувствувам како генератор на таква енергија, а тоа го осетив уште првиот пат кога бев тука, а самата атмосфера е филтер на луѓе, и тоа е благодарение на нивото кое тука се почитува и негува како вредност. Затоа сакам да ги инспирирам другите да бидат дел од ова семејство кое вреднува убава музика, убава храна, убави луѓе.

Дали ја следиш македонската сцена, со оглед на тоа дека патуваш низ цел свет? Дали ти се чини дека нема нешто ново,  дека е анемична по малку, недостига искра и возбуда на авторство?

Тоа е глобален проблем, но во Македонија има сега многу повеќе квалитетни музичари, кои се вешти во импровизација, едукативниот систем ги наоѓа преку музичките академии, што не беше случај порано, затоа јас заминав да студирам во Америка. Љубовта кон музиката е поголема отколку љубовта кон конфорот, и така беше кај мене. На тој начин, многу музичари треба да размислуваат, ова не е работа со нафта, со бизнис, туку прашање на емоции, на жртвување, за да ставиш дел од себе во креацијата. И мислам дека тука имаме многу такви луѓе, тоа е социјален феномен кај нас. Ден денеска каде и да патувам, можеби не можеме да се пофалиме со патишта, со фабрики, меѓутоа имаме многу социјална и емоционална интелигенција, и мислам дека со таа сила можеме да го заведеме светот. Треба да ја издигнеме и традицијата, но и да ја споиме со една модерност.

Патувате многу, каков ви е впечатокот за перцепцијата кон нашата музика надвор?

Во тој аспект сум голем поддржувач, и конзумент. Нашата лирика и мелодија е генијална, и таа е чиста изворна музика, и независна од историски влијанија. Треба да го негуваме и да го откриваме фолклорот. Сме кажувале приказни преку музиката. Има интересни мотиви кои можеме да ги користиме и за џез, за рок или фанк, да направиме баланс, и да имаме платформа и да учиме од некои други нации. На тој начин полесно ќе можеме да допреме надвор. Факт е дека среќата ги прати храбрите, и треба да размислуваме космополитски во размена на музиката и воопшто традицијата.

Колку време поминувате надвор од Македонија, каде ќе настапувате на новата турнеја?

-Турнејата за новиот албум почнува од тука,  потоа сум во Чикаго, Њујорк, Детроит, Колумбос, Кливленд. Потоа во Јапонија, Осака, Кобе. Шест месеци сум надвор од Македонија, но не се жалам. Секој човек што нешто што  прави со љубов, ќе добие сила, особено кога има фитбек на убава енергија.

Каде се снимаше новиот албум, како течеше соработката со музичарите, со оглед на тоа што сте инсистирале на аналогна обработка?

-Новиот албум е мој четврти студиски албум, и сниман е во комплетен студиски оркестар со повеќе од 40 музичари и студиски инженери во Electrical Audio во Чикаго и Hi-Fi Studios во Милвоки, со учество на живи гудачки, дувачки и ритам-секции. Во овој албум ги изразив сите страни, и како музичар, и како автор, оркестрант, и како продуцент. Во преден план на самата структура е емоција без никаков компромис. Уверен сум дека ако се работи по линија на помал отпор, паѓа вредноста. Затоа сакав да ја вратам таа пожртвуваност кон музиката, дури и голем дел од партитурите се пишувани рачно, на хартија, а во студио голем дел се снимаше аналогно, затоа што звукот и длабочината е незаменлива, и бесконечна. Некои работи не може да се добијат во денешните студија со дигитална технологија, поентата ми е да ги вратиме вредностите на ваков начин. Мојата фамилија е по потекло од занаетчии, правеле секаков вид на четки, и сум научил колку е деликатна рачната изработка. Ако сакаш нешто да е квалитетно и да трае со векови, мора да е сработено внимателно и посветено. Овој албум ќе биде најголем музички експорт, досега е издаден во Јапонија, во Кореја, во Европа и Америка, ќе се издаваат и синглови и ремикси. Вистинскиот успех на една индивидуа и на една нација е кога се создава нешто што ќе се го експортира надвор.

Инсистирам на сето ова затоа што сметам дека со развојот на технологијата станавме така мрзеливи, и заборавивме дека музиката е ноти, инструментите. Конзумираме лоша инстант музика, а тоа е исто како и со храната што можеш да се отруеш, лошата музика го труе духот. Време е да посегнеме повторно по вредностите.

Зошто Let Us Be“?

-Да бидеме тоа што сме, автентични битија, бидејќи  секој има право да си го избере животот како сака. А под притисок на некои нормативи, ни се менува квалитетот. Ова го зборувам и во лична смисла, и во колективна. Ние како нација, ќе доживееме ренесанса, кога ќе се изразиме самите себе, такви какви што сме, со сите позитивни аспекти. А убавината е дека како народ сме фузија од култури, и разновидности кои се вистинско богатство и не треба да чувствуваме ни трошка инфериорност кон никого.

Јавна соба

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ