понеделник, 16 февруари 2026

Средба на Сиљановска со раководството на Факултетот за музичка уметност, нагласена важноста на едукативната и педагошката работа

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими деканката на Факултет за музичка уметност, Дарија Андовска, продеканката за настава и наука Соња Здравкова-Џепаровска и продеканката за концертна дејност, Марија Вршкова, по повод 60 години од постоењето и дејноста на оваа високообразовна институција.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти Кабинетот на претседателката, деканката Андовска истакнала дека успехот на факултетот е резултат на големото музичко знаење, љубов, креативност, труд и посветеност на повеќе генерации наставен кадар.

Јубилејот, како што било посочено на средбата, добива на тежина и значење со оглед на тоа што за релативно кусо време вработените постигнале резултати што ги надминуваат оние на музичките академии во регионот, основани и пред повеќе од еден век.

Честитајќи им го јубилејот, претседателката ја нагласила важноста на едукативната и педагошката работа на Факултетот, кој изнедрил истакнати музички уметници, меѓу кои и пијанистот Симон Трпчевски. – Неспорна и непроценлива е амбасадорската улога на нашите музички уметници во промоцијата на македонската држава ширум светот, вели Сиљановска-Давкова.

Таа ја прифатила поканата да биде покровителка на одбележувањето на 60-годишнината на институцијата, која, како што било истакнато, е расадник на уметници без кои не може да се замисли успешната работа на Филхармонија на Република Северна Македонија, Национална опера и балет, Национален џез оркестар, како и на бројни ансамбли и оркестри.

Професорките на средбата ја информирале претседателката за предизвиците со кои се соочува Факултетот, особено од финансиска и просторна природа, хроничниот недостиг на инструменти, како и опасноста од згаснување на одредени катедри поради недостиг на кадар. Воедно, тие изразиле очекување дека во претстојната дебата ќе бидат преиспитани и изменети низа предложени решенија од новиот Закон за високо образование.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ