На истанбулската публика ќе ѝ се претстави мешаниот хор „Про Арс“ од Скопје, предводен од реномираниот македонски диригент Сашо Татарчевски. Овој ансамбл, познат по својата интерпретативна зрелост и префинет израз, ќе се претстави со мозаик од најзначајните дела и остварувања на македонската хорска музика.
Под наслов „Македонски мозаик“, ќе бидат изведени композиции на истакнати македонски композитори: Драган Шуплевски, Стојче Тошевски, Трајко Прокопиев, Томислав Зографски, Властимир Николовски, Кирил Македонски, Стефан Гајдов, Стојан Стојков, Тодор Скаловски и Живко Фирфов. Репертоарот обединува хорски минијатури, народни мотиви и современи дела, создавајќи живописна звучна целина која ја претставува македонската музичка култура во нејзината разновидност.

Мешаниот хор „Про Арс“ е професионален ансамбл основан во 2011 година од маестро Сашо Татарчевски, кој е и негов уметнички раководител и диригент. Про Арс се редовни гости на Македонската филхармонија, учесници на врвни фестивали, „Охридско лето“ и „Денови на македонска музика“. Ансамблот има настапувано и на престижни меѓународни сцени во Австрија, Бугарија и Грција.
Концертот во Истанбул е дел од активностите за културна промоција и афирмација на македонската култура и уметност во Република Турција, дел од годишната програма на Министерството за култура и туризам.






