Концертот, како што е најавено, ќе го отворат амбасадорот на Јапонија Савада Хиронори и директорот на Националната опера и балет, Васо Ристов.
На концертот, хорот, оркестарот и солистите на Националната опера и балет ќе изведат 16 композиции од кои последната ќе биде „Хурусато” од Алесандро Д’Агостини во изведба на Благој Нацоски.
Диригенти ќе бидат Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, режисер: Дејан Прошев, светло дизајн: Милчо Александров, концерт мајстор: Климент Тодороски, хор мајстор: Јасмина Ѓорѓеска.
На Гала оперскиот концерт ќе настапат нашите солисти: Сандра Митровска – сопран, Наде Талевска – сопран, Катерина Стојановска – сопран, Елена Голомеова – сопран, Соња Пендовска Мадевска – мецосопран, Благој Нацоски – тенор, Зоран Сотиров – тенор, Никола Стојчески – тенор, Ристе Велков – баритон, Игор Дурловски – бас, хорот и оркестарот на Национална опера и балет.
На програмата ќе бидат изведени арии, дуети и хорски делници од опери и оперети од композиторите: В. А. Моцарт, Ш. Гуно, Џ. Пучини, Џ. Верди, Л. Делиб, Р. Штраус, Г. Доницети, Р. Леонкавало, Ф. Лехар и др.
Националната Опера и балет во соработка со ЏАЈКА доби опрема за осветлување, озвучување и музички инструменти во вредност од 79.800.000 јени (663.000 евра). Ова е втор голем проект за опремување на културна институција по обезбедувањето на нови инструменти во 2001 година за Македонската филхармонија.






