Концертот го отвори директорот на Македонскиот КИЦ во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, а пред гостите и публиката се обрати и македонската амбасадорка Агнеза Руси-Поповска
Присутните на концертот сведочат дека квинтетот понуди доживување што го надмина концептот на камерна музика, претворајќи го моментот во жив акустички простор, исполнет со топлина, боја и колективна енергија.
Уште со првите тактови стана јано дека „СаксКлар“ не се само петмина музичари, туку тие се организам што совршено пулсира. Стојан Димов, Нинослав Димов, Горан Трајковски, Григори Ангелов и Ѓорѓи Димовски ја претворија музичката линија во живо ткиво, создавајќи звук кој истовремено беше кристално јасен и мек, длабок и лесен, структурно прецизен и емоционално слободен. Нивната фразација беше моделирана со внимание, со природни дишни лакови и беспрекорно водени динамички градации, кои се развиваа логично, органски и со вистински симфониски карактер.

Она што беше особено впечатливо е богатството на тимброт. Секој саксофон, од сопран до баритон, ја носеше својата уникатна боја, но во сите ансамблови делници се слушаше редок вид на акустичка слеаност, што претставуваше палета на нијанси која постојано се менуваше, но никогаш не ја наруши звучната хармонија. Оваа способност да се моделира звукот во целосна акустичка скулптура е реткост дури и кај најреномираните европски ансамбли.
Програмата беше уметнички осмислено патување низ различни музички јазици. Во Моцартовите дела се почувствува исклучителна транспарентност. „СаксКлар“ успеа да ја задржи класичната чистота, но и да ѝ додаде современа виталност, та се чинеше линиите пееја со топол, кантиленски карактер, каденците беа логично обликувани, а динамичките контрасти проткаени со суптилност. Особено впечатлива беше нивната способност да создадат „класичен звук“ преку неконвенционален инструментариум, што говори за нивната длабока стилска и техничка зрелост.
Интерпретацијата на Бах беше музичка лекција по полифоно мислење. Гласовите се преплетуваа со идеална рамнотежа, без ниту еден момент на нарушена текстура. Контрапунктот се слушаше чисто, без тежина, како да тече во своја природна логика. Артикулацијата беше строго контролирана и одмерена, таа беше токму онаа што ја бара барокната естетика: јасна, елегантна и со внатрешен ритмички импулс.
Гершвин, пак, ја отвори концертната палета кон друга страна на музичката изразност. Џезовската боја, свинг-ритамот, нежните глисанда и синкопи ја исполнија салата со животност и урбана динамика. Ансамблот покажa дека ја поседува ретката способност да го „сменат јазикот“ на музиката без да ја изгуби својата автентичност – истата прецизност што ја применуваа кај класиката ја пренесоа и во џезот, но претопена со неверојатна слобода и елегантна разиграност.

Барток донесе силен контраст. Тука ансамблот блесна со најголемата експресивна моќ, со острината на ритамот и карактеристичните балкански интонации кои беа пренесени со сурова искреност. Динамичките акценти беа јасни, силни и смислено поставени, а тембровите контрасти создадоа драматична енергија типична за Бартоковиот музички космос. Нивното читање беше полнокрвно и храбро – такво што ретко се слуша на камерна сцена.
Делата на Бела Ковач, со нивната духовитост, ритмичка игра и мелодиска виртуозност, ја обоија атмосферата со свежина. „СаксКлар“ овде покажа неверојатна сценска живост и прецизни, речиси визуелни музички гестови, кои ја доловија драматиката и карактерниот шарм на Ковачевиот стил.
Крунски момент на вечерта беше појавата на виртуозот Горан Алачки, кој со својата хармоника внесе уште една димензија во звучниот пејзаж. Хармониката се слеа со саксофоните со изненадувачка чистота – како отсекогаш да ѝ припаѓала на оваа текстура. Звукот доби дополнителна топлина и раскош, а финалето звучеше како свечена кулминација на внимателно изграден музички ритуал.
Публиката со право го награди ансамблот со долг, топол аплауз, препознавајќи дека беше дел од вечер што не само што нуди врвна музика, туку создава емоции, атмосфера и незаборавни моменти.
Концертот заврши свечено, со доделувањето на благодарниците „Мостови на културата“ по повод 20-годишнината од Македонскиот КИЦ во Софија – симболична потврда на исклучителниот придонес на „СаксКлар“ во претставувањето и афирмацијата на македонската култура надвор од земјата.
Со оваа незаборавна вечер, „СаксКлар“ уште еднаш ја потврди својата улога како вистински културен амбасадор. Музиката што ја донесоа беше совршена во својата техничка изведба, но уште поважно – длабоко човечка, емотивна и искрена. Тоа беше концерт што не се слуша само со уши, туку и со срце.






