„Покрај сите ограничувања што ги наметнува работата на една ваква тема и содржина, пред нас е едно ретко дело, прво од ваков вид во нашата држава, кое во потребниот обем опфаќа повеќе од 40-тина градови, прегледно и стручно ни ја претставува градската монетарна продукција и другите активности поврзани со оваа дејност на градовите. Дадената историската содржина, соодветно дозирана, во голема мера го олеснува разбирањето на нумизматичките појави и процеси и ги детерминира во нивниот историски контекст“, истакнуваат меѓу другото нумизматичарите Перо Јосифовски и Милица Шелдарова Василева, во рецензијата за монографијата.
Од содржините и материјалот што го опфаќа книгата „Монетоковањето на градовите во античка Македонија“, видливи се напорите и вложениот труд на авторот Доне Таневски при одредувањето на хронологијата и на историската интерпретација на монетите и монетоковањето на одделните гродови. Книгата ја следи појавата, хронологијата на монетоковањето, типологијата, иконографијата, тежинскиот стандард и историските услови и околности на постоењето монетарна продукција на секој еден град за кој е потврдено или за кој се поврзува постоење на градски изданија на пари. Делото хронолошки ја следи појавата на градските изданија уште од периодот кон крајот на VI-от век пр.н.е, (поточно) во текот на т.н. класичен период, па сè до рано-хеленистичко време во првата половина на III-от век пр.н.е., кога замира монетарната дејност на градовите, освен кога во некои од нив се одвивала продукција на пари сега за потребите и под контрола на кралевите.
Како што напоменуваат и Јосифовски и Шелдарова Василева, оваа монографија посветена на градското монетоковање во античка Македонија пополнува една многу побарувачка тематика, која побудува заинтересираност и насочено внимание на поширок круг на заинтересирани.
„Со својата структура, содржина и стручност, делото ќе биде неопходно и корисно помагало не само за пошироката публика, туку и за оние со повисока стручност и познавања од нумизматиката. Публикацијта заслужено ќе си го заземе своето местото, како еден неопоходен прирачник и едукациско помагало, кое дава издржан преглед на монетоковањето на градовите во античка Македонија“, нагласено е во рецензијата.
Инаку, ова е втора олку обемна и значајна монографија на Доне Таневски од областа на нумизматиката. Претходната монографија, „Монетоковањето во античка Македонија“, „Матица македонска“ ја објави во 2019 година и претставуваше еден долго очекуван, неопходен и многу значаен настан во развитокот и историјата на нумизматиката во современата македонска држава.
„Денеска, неколку години подоцна, изработката и публикувањето на новата книга од истиот автор Доне Таневски, насловена ‘Монетоковањето на градовите во античка Македонија’, уште повеќе го потврди, го прошири и го маркира историското значење на појавата и на печатењето на овие нумизматички публикации. И покрај различните теми и предмети на обработка, овие две монографии меѓусебно се надоврзуваат и надополнуваат, сочинувајќи на еден свој начин мини енциклопедија за монетoковањето во античка Македонија. Првата книга е посветена, пред сè, на монетоковањето на македонските кралеви, а втората книга, која ја опфаќа монетарната продукција на градовите на територијата на античка Македонија, заедно или посебно, по својот карактер претставуваат своевидни учебници, прирачници или водичи низ монетарната историја и монетоковањето во античка Македонија“, истакнуваат нумизматичарите Јосифовски и Шелдарова Василева.
Монографијата на Таневски, веќе е достапна за читателите во книжарниците на „Матица македонска“.






