Романот ја истражува можната иднина на светот и создава детална анатомија на надежта за преживување на човекот во идните децении и векови. Занимавајќи се со климатската криза и нејзините општествени и економски последици отвора прашања за опустошувањето и зачувувањето на нашата средина.
Што ќе се случи кога топлотните бранови што ja опустошуваат нашата планета ќе почнат да стануваат сѐ пожешки и посмртоносни, а човештвото полека ќе jа губи контролата врз својата егзистенција? Ова е прашањето на кое се обидуваат да одговорат ликовите во романот „Министерство за иднина“, растргнати помеѓу колективната трагедија и своите лични судбини.
За романот на 28 јануари ќе се одржи книжевен кружок во кафе-книжарницата „Илика“ на кој можат да се пријават заинтересираните читатели преку порака од нивните социјални мрежи.

Ким Стенли Робинсон (1952) е современ американски писател чијшто опус главно е посветен на научната фантастика. Пишува романи, раскази и есеи. Особено е познат по неговата трилогија што ги опфаќа романите Црвен Марс, Зелен Марс и Син Марс, објавувани во деведесеттите години на минатиот век. За своите дела Робинсон е повеќекратен добитник на најзначајните признанија за научна фантастика, наградите „Хуго“, „Небула“ и „Локус“.
Книгата е достапна во кафе-книжарницата „Илика“ со 20% намалена цена до 31 јануари, а исто така, може да се најде и во останатите книжарници низ Скопје.






