Од издавачката куќа велат дека воден од уверувањето дека книгата не е само предмет, туку душа на еден народ, македонскиот поет, есеист, антологичар и критичар Раде Силјан ја основа „Матица македонска“ како книжевно јадро што ќе ги обедини македонските писатели и ќе овозможи највредните дела од светската книжевност да проговорат на македонски јазик. Со тоа, „Матица македонска“ се изгради како културен столб, споредлив со сродните институции во регионот.
„Универзитетскиот професор и писател Венко Андоновски неодамна истакна дека основањето на ‘Матица македонска’ претставува историско надоместување на она што македонската култура го немала во XIX век – своја ‘матица’ по углед на ‘Матица илирска’ и денешната ‘Матица хрватска’. Според него, строгите критериуми за објавување, воспоставени од Раде Силјан и доследно одржувани до денес, се една од клучните причини за значењето и угледот на оваа институција“, велат од издавачката куќа.
Оттаму додаваат дека во изминатите три и пол децении, и покрај бројните предизвици и удари, „Матица македонска“ истрајно ја реализира својата мисија, афирмација на македонските книжевни и културни вредности, испишување на македонската книжевна историја и поставување темели за идниот развој на македонскиот јазик.
„Со објавување капитални дела, таа континуирано е на браникот на македонскиот идентитет, вложувајќи истовремено и во новите генерации читатели и автори. Паралелно, преку висококвалитетни преводи, највредните остварувања од светската книжевност стануваат достапни на македонски јазик. Досега, ‘Матица македонска’ има објавено над 3.000 наслови, со повеќе од шест милиони примероци. Меѓу нив се капитални изданија посветени на македонските манастири, народните носии, резбата, митологијата, археологијата, генезата на македонскиот народ, како и монографии за македонските градови и клучни дела од историјата и книжевноста. Особено значајни се и избраните дела од низа истакнати македонски автори, меѓу кои Марко Цепенков, Гане Тодоровски, Блаже Ристовски, Матеја Матевски, Божин Павловски, Радован Павловски, Иван Чаповски и многу други. Преку соработка со странски издавачи и институции, книгите на „Матица македонска“ се присутни и во книжарниците и библиотеките во Европа, САД и Австралија. Низ годините, оваа издавачка куќа стана дом на бројни великани на македонската книжевност и на современи автори, создавајќи континуитет меѓу традицијата и современите книжевни текови“, потенцираат од издавачката куќа.

Јубилејот од 35 години „Матица македонска“ ќе се одбележува во текот на целата година. Одбележувањето започнува на 5 февруари со зимскиот саем на книгата „Книга во секој дом“, акција со најдолга традиција меѓу македонските издавачи. Со над 50.000 членови на клубот „Матица“, оваа манифестација и годинава се очекува да привлече голем интерес, со јубилејни попусти од 35 до 80 проценти на изданијата, достапни и во книжарниците и онлајн. Посебен акцент ќе биде ставен на македонските автори и на развојот на читателската публика.
По повод јубилејот, „Матица македонска“ најавува и стотици нови изданија, како и нови едиции посветени на клучни прозни и поетски дела од автори што оставиле траен белег во нејзиниот развој. Првото дело од овие едиции е „Ѓон“ од Драги Михајловски. Во текот на годината ќе продолжи и објавувањето на избрани дела од Блаже Миневски, нови изданија од македонски автори, како и значајни книги од областа на македонската историја, вклучително и вториот дел од „Табу – време на страв и страдање“ од Стојко Стојков.
Издавачката програма ќе биде збогатена и со дела од преводната литература, од античките класици до современи светски автори, како и со изданија наменети за деца и тинејџери.
„Со богата програма, нови изданија и бројни акции, ‘Матица македонска’ ја продолжува својата културна мисија. Традицијата продолжува – со книга во секој дом и со македонскиот збор во срцето на културниот живот“, велат од издавачката куќа.






