Романот „Црна лисица“ е седми том од избраните дела на Миневски во издание на „Матица“. Документарна проза – роман за балканската политичка емиграција, кој на околу петстотини страници ја раскажува приказната за прогонствата, политичките убиства, полицискиот терор, малтретирањата, кодошењата, киднапирањата и затворањата на голем број македонски емигранти заминати од Македонија по Втората светска војна. Во ова дело за првпат се користени автентични документни на УДБ-a, разговори со сведоци, полициски извештаи, прислушувани разговори, запленета архива, писма и документи на македонските патриотски организации во Европа, како и огромен број доушнички доставки за голем број наши политички емигранти во Европа, Австралија и Америка. Само полициското досие на Драган Богдановски, чија судбина е дел од судбината на еден од главните ликови во романот, има над 10.000 листови документација што Службата за државна безбедност ја собирала од 1948, па се до неговата смрт во 1998 година, значи полни 50 години.
Поради ексклузивноста на материјалот и документите што се вградени во приказната посветена на оние што ја сакале Македонија повеќе одошто било дозволено, романот на Блаже Миневски предизвика големо интересирање не само во книжевните и читателски кругови туку и пошироко, во општеството.
Изданието на „Црна лисица“ веќе е достапно во книжарниците на „Матица“, како и преку веб-страницата, по повод животните и творечките јубилеи на Миневски.
Блаже Миневски е едно од најголемите имиња на нашата книжевност во самостојна Македонија, чиешто творештво е предизвик и за книжевната критика, и за поширокиот читателски аудиториум, добитник на најзначајните книжевни награди кај нас, но и преведуван и читан и надвор од Македонија.






