петок, 6 февруари 2026

„Матица“ ги бара најстарите книги во домашните библиотеки, награди по повод големиот јубилеј

Првата издавачка куќа во самостојна Македонија, „Матица македонска“ продолжува со чествување 35 години од основањето, заедно со читателите. По повод големиот јубилеј, од „Матица“ почнаа да ја отвораат архивата за своите читатели, презентирајќи и дел од најстарите, а воедно и најзначајни свои изданија – дела со историско значење за Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Денес, од „Матица македонска“ е упатен и повик до читателите, во потрага по најстарите изданија во домашните библиотеки. На своите страници на социјалните мрежи, „Матица“ ги повика читателите да ги пронајдат и да ги фотографираат најстарите изданија во своите домашни библиотеки и да ја споделат својата приказна поврзана со книгата од првата издавачка куќа во самостојна Македонија. „Пребарајте низ вашите домашни библиотеки за да ја пронајдете најстарата книга купена од ’Матица‘, фотографирајте ја и споделете ја со нас. Дали е тоа книга со која пораснавте, книга што ви ја подарил некој сакан или првиот роман што ве натерал да се вљубите во читањето?“ – наведено е меѓу другото во објавата.

Од „Матица“ најавуваат изненадувања за сите читатели што ќе ги издвојат најстарите нивни изданија од домашните библиотеки, како и специјални награди за читателот што ќе сподели најстаро издание и за оној што ќе има најемотивна приказна поврзана со книгата. Како што е нагласено, акцијата трае до 27 февруари.

Инаку, оваа акција е дел од традиционалниот зимски саем „Книга во секој дом“, којшто трае до крајот на февруари, со јубилеен попуст до 80 проценти. Во текот на саемските денови се очеуваат и други акции со читателите.

„Матица македонска“ е формирана во мугрите на македонската самостојност. Пред точно 20 години, академик Гане Тодоровски кажа и запиша: „’Матица македонска’ го создаде најзначајниот македонски литературен кружок на крајот на дваесеттиот век и во новиот милениум. Ги обедини македонските автори како Македонскиот литературен кружок пред Втората светска војна. Ама во современие, повторно со идеали и со македонска мисла, уште во мугрите на самостојната македонска држава. На македонските писатели им овозможи дом на македонското слово, заштитувајќи го од сите политички ветришта и виулици што катаден ни ги приредуваат. Матицата на македонските писатели, од македонски книги го изгради највисокиот заштитен ѕид на македонската држава – непробоен за куршумите од непријателските рафали. Но изгради и мост по кој македонскиот писател стига и до читателот и до светот, а останува дома, крај нашето македонско огниште. ‘Матица македонска’ не е само издавач, туку е симбол на современата македонска држава по којaшто пекаа и за којашто живееа и умираа нашите прадедовци. Таа е завет за нашите правнуци, од тука да го учат словото македонско.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ