Михаилова Бошнакоска со „Маслина и младост“ ја заокружува својата лирска трилогија, својата тригодишна лирска одисеја која почна со збирките „Мед и младост“ и „Килибар и младост“. Сите три книги се дел од поетската едиција на Книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје.
Новата збирка на Михаилова Бошнакоска содржи шеесетина песни кои се подредени во циклусите „Еликсир и младост“, „Кора“ и „Зимзеленодевојче“, а изданието е проследено со книжевно-критички предговор на поетот и литературен критичар Бранко Цветкоски и со поговор на писателот Гоце Смилевски.
„Со ‘Маслина и младост’, Гордана Михаилова Бошнакоска во својата најзрела творечка доба ја завршува лирската трилогија со три дела кои се необични, предизвикувачки и блескаво остварени. Оваа троделна лирска обзнана ја докажува нејзината врвна лирска сила, која со
својата убедливост не остава никакви сомнежи дека е создадена од врвна поетеса. Македонската современа поезија добива неверојатен лирски подарок – зреен, извезен од пластови младост, страст и секавично скротена чувствителност што ќе продолжи да ги инспирира и идните генерации поетеси и поети како и книжевните сладокусци“, пишува Цветкоски во воведниот текст кон збирката.
Гоце Смилевски во својот поговор констатира дека поетесата Гордана Михаилова Бошнакоска со песните од „Маслина и младост“ го изразува метафизичкиот парадокс со кој, како што наведува, нѐ соочува и со претходните две стихозбирки од триптихот.
Гордана Михаилова Бошнакоска има објавено 14 книги поезија, збирката раскази „Босфорско лето“ и романот „Потрага по приказна“. Нејзините песни се застапени во антологии во земјава и странство како и во индивидуални поетски избори на македонски, албански, бугарски, како и во панорамски прикази на европските јазици и на англиски, латински, есперанто и др. Носител е на врвни македонски и меѓународни поетски награди, а имала студиски престои во земји од Европа, Африка и Северна Америка.
Книгата може да се купи во е-продавницата на издавачката куќа „Макавеј“ и во книжарниците во центарот на Скопје.