Изборот на новото раководство со 4-годишен мандат беше на Генералното собрание во Будимпешта, Унгарија на 17-18 септември. За нов претседател на ФИПРЕСЦИ е избран Ахмед Шауки од Египет, а покрај Костова за потпретседателки се избрани и Паола Касела од Италија и Елена Рубашевскаја од Украина.
„Оваа функција ја сфаќам како огромна чест, не само за мене лично туку особено за нашата Македонска секција на ФИПРЕСЦИ која, иако една од најмалите, е особено активна во жиријата на бројни филмски фестивали во светот. Почнуваме нова ера на ФИПРЕСЦИ со прекрасен и посветен тим и радосна и горда сум што и нашата мала секција ќе биде тука. Како потпретседателка на ФИПРЕСЦИ, ќе работам на враќање на почитта и поддршката за независната филмска критика. Со 100 години историја, ФИПРЕСЦИ има уникатно и моќно наследство, а мојата активност ќе биде за развивање иницијативи што ќе ја користат оваа платформа за застапување на нашата професија. Особено ќе се ангажирам за создавање партнерства меѓу ФИПРЕСЦИ и нејзините национални секции, посебно со малите како нашата во Македонија. Заедно, можеме да ја зајакнеме соработката со фестивалите, да соработуваме со засегнатите страни од филмската индустрија и да ја потврдиме неопходната улога на критичките гласови во филмската уметност“, изјави Костова.
Актуелна претседателка на Македонската секција на ФИПРЕСЦИ, Марина Костова е реномирана филмска критичарка и наградувана новинарка, заменичка-главен уредник на дигиталната редакција Сакамдакажам.мк. Учествува во жирија на ФИПРЕСЦИ, меѓу кои и на фестивалите во Венеција, Оберхаузен, Виена, Луксембург, Сараево, Истанбул, Солун и други, авторка е на неколку книги и е во авторскиот тим на првиот македонски Речник на медиумската писменост. Македонската секција е и меѓу најстарите професионални здруженија во земјава.
Создадена во 1925, ФИПРЕСЦИ од 1987 до 2024 ја водеше генералниот секретар Клаус Едер, период во кој тој ја обликуваше организацијата во она што е денес. ФИПРЕСЦИ ја доделува својата престижна награда на над 100 филмски фестивали каде има свои жирија, како и годишната Гран при за најдобар филм на годината што се врачува на фестивалот во Сан Себастијан. Наградата за откритие на годината на ФИПРЕСЦИ е и дел од годишните Европски филмски награди .
Во 2025 година, ФИПРЕСЦИ ја слави 100-годишнината од федерацијата со бројни специјални настани меѓу кои и оние на најголемите фестивали, Венеција, Кан и Берлин.






