Запишаното во „Записи од надземјето: клетии“ потсетува на сите грешки, падови, успеси, жигосувања, подметувања, лаги, интриги, поигрувања, предизвици и успеси со коишто се има соочено македонското општество во новиот милениум, особено како резултат на дејствувањето на т.н. политички елити. Согледано од перспективата на еден од најреферентните интелектуалци и двигатели во македонското општеството во втората половина на XX и во XXI век. Несомнено, оваа е прва и засега единствена книга што толку сеопфатно „портретира“ толку долг период од македонското современо битисување, и тоа со изразит критички тон што не е упатен од временска дистанца, туку за секој настан или појава датира од периодот на случувањето, што отвора многу дилеми дали и колку згрешија многу чинители на македонската општествена стварност што не секогаш беа подготвени да ги слушнат мислењата, искуствата и визиите, но и да ги прифатат критиките од еден врвен интелектуалец од рангот на Павловски.
„И други ме прашале зошто во 1989 година ја напуштив Македонија? Знам дека тоа предизвика бранувања, од восхит до завист, револт и одмазда. Со оглед на моите зрели години (47) веројатно мојата постапка беше провокативна. Имам дадено неколку конвенционални одговори дека преселбата била мотивирана од амбицијата да креирам подобра иднина за своите деца и да им отворам пат на своите дела. Но сега, од оваа дистанца, кога се мисли дека го постигнав тоа, јасно е дека Македонија не сум можел да ја напуштам трајно никогаш затоа што сум ја носел во себе. А тоа заминување може да се доведе во врска со творечкиот немир, односно со немирот на хероите што ги креирав. И тие беа веќе дисперзирани по континентите. Темите што ме преокупирале тогаш барале од мене да го завладеам не само духовниот туку и географскиот простор. Така постапиле безброј мои книжевни идоли, од Дејвид Лоренс до Дејвид Малуф. И како што овој вториов секоја година и се враќа на Австралија, така јас годинава по дваесет и втори пат и се вратив на Македонија“, пишува Павловски во пораката до читателите на почетокот на книгата.
Впрочем, „Записи од надземјето: клетии“ е силна потврда за нераскинливата врска на академик Божин Павловски со Македонија. Од неа се чита и дека македонската стварност, тој, иако некогаш физички одалечен илјадници километри, ја согледувал и анализирал подобро, посуштински и покритички од многумина што постојано, дури и активно (па дури и со својата пасивност) биле и/или дел од неа, физички присутни во татковината. Или, инаку кажано: Павловски не еднаш бил и позагрижен, поодговорен, поанализитичен и пореален за „македонцките работи“ од многумина други што со своите ставови биле/се присутни во македонскиот културен простор. Додека некои интелектуалци селективно ја перципираа реалноста, а други ја премолчуваа од „комфорна зона“, и дури трети ја гледаа со очила со субјективна диоптрија низ која и на своите современици сакаа/ат да им ја наметнат својата „слика“, Павловски, бескомпромисно, неселективно и подеднакво објективно кон сите субјекти на македонската стварност има укажувано на грешките, манипулациите, подеднакво доблесно колку и за македонските успеси.
Неслучајно, „Записи од надземјето: клетии“ може да се чита како историја на Македонија во досега изминатиот период на XXI век. Во неа не е пропуштен ниту еден важен, престврен или судбоносен момент од македонското битисување во периодот од 2000-те години наваму, а големата вредност на сите текстови е фактот што нивната првообјава, а со тоа и првите апели од Павловски се имаат случено во моментот кога нештата се случуваа. Затоа, до степен и што изненадува, „Записи од надземјето: клетии“ и нѐ потсетува на сето она што како народ, нација и држава го имаме преживеано во децениите зад нас, а од кое, многу се чини сме заборавиле или едноставно сме го потиснале во својата колективна меморија. Додатна вредност е што со објавувањето на оваа книга, сето тоа е на увид и на помладите генерации, коишто можеби и ќе го дадат одговорот на дилемата колку македонската општествена стварност денес ќе беше поинаква поинаква ако во децениите зад нас, при носењето судбоносни одлуки за државата, навремено се чуеше и разбереше гласот на македонскиот интелектуалец, некогаш отелотворен и како крик упатен од Австралија.
Впрочем, „Записи од надземјето: клетии“ може и треба да се чита и како продолжение на претходната книга на Павловски, „Записи од надземјето: чудесии“, како целина што се однесува доминантно на македонската стварност во векот што го живееме. Текстовите од овие две книги претставуваат изворници не само за сето она што се има случено и за не многу афирмирани податоци, сознанија и согледби, туку и за пропуштени шанси, можности и години кога не секогаш се прифаќаше критиката на општественик од ваков формат, и тоа во сите „етапи“ на македонската самостојност.
Книгата „Записи од надземјето: клетии“ и претходната „Записи од надземјето: чудесии“ се дел од собраните дела на академик Божин Павловски во 26 тома, во издание на МАНУ и „Матица македонска“.
Во текот на овој месец, „Матица македонска“ има акција во која сите книги што се однесуваат на македонскиот национален идентитет се достапни по половина цена, а како што беше најавено, книгоиздавателството до крајот на август ќе објави и уште неколку нови книги што се однесуваат на важни прашања за Македонија, за нејзината историја и за нејзината сегашност.






