среда, 25 март 2026

Македонското трио „30 прсти“ со концерт во Истанбул

Македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул го најавува концертот на македонското пијано трио „30 прсти“, кој ќе се одржи утре со почеток во 19:00 часот, во Ерменската католичка црква „Сурп Левон“ во Кадиќој, Истанбул.

Објавено на

часот

Сподели

Триото „30 прсти“, составено од пијанистите Марија Вршкова, Весна Ангелова Христов и Петар Макариевски, е прв и единствен состав од ваков тип во Македонија. Триото е основано во 2015 година и континуирано настапува на домашната и меѓународната сцена, со концерти во Хрватска, Австрија, Бугарија, Србија и Турција.

Ансамблот изведува музика за шест раце на еден клавир – специфична камерна форма која овозможува проширување на звучниот спектар на инструментот и отвора нови интерпретативни можности. Во 2024 година, триото за првпат во македонската музичка историја изведе дело за шестрачно пијано и камерен оркестар. Имаат посебна почит и љубов кон македонската музика, и нивниот репертоар вклучува дела специјално напишани и прилагодени за овој уникатен состав кој е предизвик и инспирација за македонските композитори.

Репертоарот на триото вклучува дела од класичниот и современиот музички израз. На програмата на концертот во Истанбул ќе бидат изведени дела од Роберт Шуман, Корепанова, Ф. Иванов, М. Шмиц, Р. Рамазанов, С. Рајх, Д. Букувалас, Б. Илин и Д. Темков.

Членовите на триото се афирмирани пијанисти со значајна солистичка и камерна дејност. Марија Вршкова дипломирала и магистрирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде денес работи како вонреден професор и продекан за концертна дејност. Весна Ангелова Христов има богата концертна активност и долгогодишно искуство како соработник со Македонската филхармонија, а е ангажирана и како професор по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Петар Макариевски дипломира на ФМУ-Скопје, а магистрира во Софија, по што развива активна камерна дејност и работи како уметнички соработник на ФДУ-Скопје.

Нивната заедничка работа претставува пример за висока уметничка синергија и посветеност кон камерното музицирање како специфична и комплексна форма на музичко изразување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ