Како што информира „Црна Мачка Продукција“, македонскиот филм „17“ ќе биде оценуван од тричлено интернационално жири, кое ќе одлучи кој од 14-те долгометражни дебитантски филмови ќе ја освои наградата за најдобар филм во оваа програма.

Во филмот „17“ седумнаесетгодишната Сара поаѓа на училишна екскурзија, криејќи тајна за која никој не знае. Кога екскурзијата ќе излезе од контрола и Сара ќе биде сведок на насилство врз нејзината соученичка Лина, тие ќе се поврзат засекогаш.
Филмот е продуциран од „Црна Мачка Продукција“ во копродукција со „Арт&Попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија. Поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија, како и Филмскиот центар на Србија, Словенечки филмски Центар, СЕЕ Синема Нетворк (SEE Cinema Network) и СинеЛинк Ворк-ин-прогрес (CineLink Work in Progress) на 31. Сараевски филмски фестивал.
По тој повод денеска ќе се одржи средба со медиуми, на која ќе присуствуват режисерката Косара Митиќ, продуцентот Томи Салковски, актерките Ева Костиќ и Мартина Даниловска, членови на авторската екипа на филмот „17“ и директорот на Агенцијата за филм Сашко Мицевски.






