четврток, 10 април 2025

Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ на филмски фестивал во Буенос Аирес

Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ е селектиран на еден од водечките фестивали за независен филм во светот – BAFICI (Buenos Aires Festival Internacional de Cine Independiente) 2025. Филмот ќе биде прикажан три пати пред фестивалската публика во Буенос Аирес, на 8, 10 и 11 април.

Објавено на

часот

Сподели

„Анимиран долгометражен филм од Македонија не е нешто што се гледа секој ден, но шармот на John Vardar vs. the Galaxy е далеку од тоа да биде само географски куриозитет. Оваа визуелна лудорија – со своите интергалактички авантури што наликуваат на халуцинација, откачени вонземјани и хумор со висока концентрација – се истакнува со рокерска дрскост и заразна комичност. Филмот е како црна дупка што го вовлекува гледачот во својот хаотичен универзум, каде секое чудовиште е повик на бегство од нормалното и прослава на лудото и необичното“, напиша  аргентинскиот филмски критичар, Мануел Рамирез.

Режисерот на филмот, Гоце Цветановски, за фестивалот рече дека многу го почитува поради неговата храброст да прикаже филмови што излегуваат од шаблоните.

„За нас, оваа селекција е како да сме испратиле балкански вселенски брод во срцето на Буенос Аирес. Горди сме што ‘Јон Вардар’ ќе има можност да се сретне со една отворена и љубопитна публика, каква што е аргентинската“, вели Цветановски.

Фестивалот BAFICI (Buenos Aires Festival Internacional de Cine Independiente) се смета за најголемиот и најважен фестивал за независен филм во Латинска Америка. Годинава ќе се одржи по 26-ти пат. BAFICI е познат по својата поддршка на авторскиот филм и по отворањето на нови хоризонти за независни продукции од целиот свет.

„Јон Вардар против Галаксијата“ е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ