недела, 15 јуни 2025

Македонската кинематографија ќе биде претставена на Канскиот филмски фестивал

Агенцијата за филм соопшти дека и оваа година ќе учествува на 78. издание на престижниот Кански филмски фестивал, во рамките на Филмскиот маркет. Македонската кинематографија ќе биде претставена преку филмовите „Лојнс“ во режија на Доријан Нур Жесперс, „Додакамерон“ на Минос Папас, „Утре наутро“ на Јани Бојаџи, како и краткометражниот филм „Лима“ на Батухан Ибраим.

Објавено на

часот

Сподели

Од Агенцијата информираат дека од 2010 година имаат свој промотивен штанд во рамките на Павилјонот на земјите од Југоисточна Европа (СЕЕ павиљон), заедно со уште седум земји од регионот – Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Кипар, Србија, Словенија и Хрватска. Преку овој штанд, се реализираат бројни активности со цел промоција на македонската кинематографија, нејзините автори и потенцијалите за меѓународна соработка.

Претставниците на Агенцијата најавија дека ќе земат учество и на неколку меѓународни настани – Генералните собранија на ЕФАД (Европска асоцијација на филмски агенции) и Јуропиан филм промоушн, панелот „Ајде!“ посветен на копродукции во Југоисточна Европа, како и Конференцијата на Европската аудиовизуелна опсерваторија.

Делегацијата на Агенцијата за филм оваа година ја сочинуваат в.д. директорката Вероника Бучковска, виш соработник за филмска дејност Анита Стојческа Алексовска, како и студентки на Факултетот за драмски уметности, Мартина Петреска и Леона Јариќ.

Учеството на студентките е резултат на потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Агенцијата за филм и Факултетот за драмски уметности, со кој се овозможува млади и талентирани филмски професионалци во развој директно да присуствуваат на еден од најзначајните светски филмски настани.

„Преку оваа иницијатива, студентите добиваат уникатна можност да се запознаат со светските текови во филмската индустрија, да стекнат вредни искуства и контакти, како и да го прошират своето професионално видик. Дополнително, ќе се реализираат бројни билатерални средби со партнери од светот со цел презентација на можностите кои Република Северна Македонија ги нуди за копродукции, снимање и интернационална дистрибуција на македонски филмови“, соопштија од Агенцијата за филм.

„Лојнс“ во режија на Доријан Нур Жесперс е малцинска копродукција што е дел од престижната програма Директорс фортнајт; „Додакамерон“ на Минос Папас е вклучен во програмата Фронтиерс за проекти во пост-продукција; „Утре наутро“ на Јани Бојаџи ќе има проекција во рамките на филмскиот маркет со поддршка од Агенцијата, а краткометражниот филм „Лима“ на Батухан Ибраим е вклучен во Шорт фил корнер.

„Агенцијата за филм останува посветена на интернационалната промоција на македонската кинематографија и создавање на нови можности за филмските професионалци од земјата“, појаснуваат во соопштението.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ