сабота, 20 декември 2025

„Македонија и Македонците со библиско срце“ и „Глас на праведниците“ – две нови книги на Ставре Џиков

„Македонија и Македонците со библиско срце“ и „Глас на праведниците“ се уште две нови книги кои годинава ги издаде Ставре Џиков, поранешен јавен обвинител сега публицист. Мотивот да ја издаде „Македонија и Македонците со библиско срце“ авторот го наоѓа во желбата да ја прикаже земјава низ една христијанска слика, но и духовната поврзаност на христијанството и исламот како богатство за Македонија. Втората книга ја издава во чест и од почит кон починатиот професор по кривично право Ѓорѓe Марјановиќ.

Објавено на

часот

Сподели

Книгата „Македонија и Македонците со библиско срце“ е еден вид духовно-публицистички есеј за Македонија и Македонците, во која, меѓу другото, се поместени делови од Библијата, користена како етичка и симболична рамка, споредувајќи ја судбината на Македонците со библиски народи: страдање, прогон, жртва, но и надеж, како и повеќе библиски мудрости.

Во оваа книга тој објавува делови од случувањата во текот на последната ноќ од земниот живот на Јустинијан Први, но и напис за првиот православен манастир Света Катерина во Синај, кој како што пишува, е се уште активен, а бил изграден токму од Јустинијан, со што авторот прави одредена врска со Македонија, бидејќи тој бил роден во Таор.

Голем дел од книгата Џиков посветува на манастирите во Македонија, како Свети Јован Бигорски и Света Борородица Пречиста Кичевска. Во тој дел тој го сместува и второто послание на апостол Павле до Коринтјаните во кое говори и за доаѓањето во Македонија. „Браќа ве известувам за благодатта Божја дадена на македонските цркви, дека и покрај големото испитување во маката нивната радост беше изобилна и покрај нивната длабока сиромаштија, покажаа големо богатство во нивната дарежливост. Зошто според нивните можности, па дури и над нивните можности, јас сум сведок дека тие даваа доброволно, не молеа многу усрдно да го примиме нивниот дар и учество во прислужувањето на светиите и тоа не како што се надевавме, туку тие најнапред себе сами му се предадоа на Господ, а потоа и нам по волјата божја“, пишува во посланието.

За верата како пат до срцето Џиков, се осврнува во делот на книгата во кој, меѓудругите објавува написи за „Вистината за двете релегии – Христијанската православна и за Исламот.

„Идејата за оваа книга, како и да истражувам на темата Македонија беше една книга, ‘Патешествие до срцето’, од еден американски теолог кој е споменат во книгата. Тој ме воведе во приказната помеѓу духовните точки меѓу муслиманите и православието. Тргајќи со таа мотивација и истражување дојдов до манастирот Света Катерина кој е сѐ уште активен и најстар православен манасир во светот, а се наоѓа под синајската планина каде Мојсеј ги добил десетте божји заповеди. Македонија е поврзана со тој манастир преку Јустинијан Први, кој е родум од Таор кој денеска е во Македонија“, вели за МИА Џиков.

Во контекст на поврзаноста на христијанството и исламот тој истакнува дека во книгата ги споменува манастирите Свети Јован Бигорски и Света Борородица Пречиста Кичевска.

„Иако сите наши македонски манастири и цркви се отворени за верници од други вероисповеди, кај овие два манастира имаме конкретна активност на наши граѓани муслимани кои одат и се поклонуваат и тоа е со долгогодишна традиција, вели Џиков.

Света Богородица Пречиста, нагласува тој, ја споменува и од аспект на тоа што таму бил замонашен нашиот прв македонски поглавар македонски, но и владиката Кирил, кој како што вели Џиков, бил еден од духовните борци за самостојна автономна македонска црква. Потоа, потенцира, приказната историски ја врзува со теќето во Тетово.

„Сакам да ја прикажам Македонија низ една христијанска слика. Тоа е идејата – духовната поврзаност на двете вери и тоа е богатство за Македонија“, вели авторот на оваа книга.

Втората, односно петтта книга објавена годинава, „Глас за праведниците“ е мотивирана од неговата почит кон починатиот професор по кривично право Ѓорѓе Марјановиќ, кој, според Џиков, покрај сѐ она што дал во својата струка, дал голем придонес и во борната за демократијата, а бил и еден од првите дисиденти во Македонија.

„Мотивот за да ја напишам книгата за покојниот професор по кривично право, кој беше и мој професор на факултет, е почитта што ја имам кон него уште од факултетските денови, поради негофиот професионален успех, но и поради неговиот придонес во борбата за демократијата во Македонија“, вели Џиков.

Тој додава дека кога ја извршувал функцијата јавен обвинител на Република Македонија во перодот од 1999 до 2002 година, професотот Марјановиќ бил колумнист во дневниот весник „Дневник“.

„Во неговите неделни колумни тој даваше конкретни согледувања на мојата работа и тоа ми било поттик да се споредам каде сум и што сум во професионалниот дел“, вели Џиков.

Книгата се состои од два дела – првиот дел во прво лице обвинителот Џиков, а во вториот дел се сместени 13 колумни – во прво лице професорот Ѓорѓе Марјановиќ.

Џиков е автор и на книгите „Вистината за Прохор Пчински“ (1990), „Прогонети“ (1991), „Македонија во комунистичкиот триаголник“ (1993), „Воскресение“ (1995), „Претседател на Македонија“ (1997), „Јавно обвинителство“ (2001) „Заговор против претседателот Киро Глигоров“ „2002), „Адвокатурата во Република Македонија (1945-2005)“ (2005) „Четврта емигрантска Македонија“ (2007) и „Завет за Македонија“ (2015). Соавтор е на книгите: „Јавното обвинителство во Република Македонија“ (2000), „Заговор против претседателот Киро Глигоров“ (2002), со Киро Глигоров, „Обединета Македонија во обединета Европа“ (2009), со својот син, Александар Џиков.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ