Како единствен претставник со двојна улога, маестро Татарчевски неодамна учествуваше во изборот на диригентите и пејачите како и во управните одлуки поврзани со сите успешно реализирани сесии на Светскиот младински хор, почнувајќи со таа во Хрватска, Словенија и Унгарија во 2023 година, преку масивната турнеја во соработка со младинскиот оркестар на Германија во 2024 година, алумни сесијата во Канада 2024 година како и штотуку завршената летна сесија во Шпанија (Каталонија) и Франција.

Светскиот младински хор е раководен од борд на фондација чии патрони се Jeunesses Musicales International (JMI), International federation of choral music (IFCM) и European choral association (ECA). Секоја година се организираат сесии на кои се подготвува разновиден репертоар со некои од најпознатите и најценети светски диригенти, а турнеите и концертите се организираат на највисоко ниво на најрепрезентативни сцени во земјите домаќини. Доволно е да се спомнат Елб филхармонијата во Хамбург, операта во Бон, Концертгебау во Амстердам, големата сала на академијата Лист во Будимпешта, Саграда фамилија и Палау де ла музика во Барселона, Манастирот Монтсерат, монументалните катедрали во Леида и Џирона како и сцената на еден од најголемите хорски настани во светот, фестивалот Choralies во Везон ла Ромен во Франција.

Маестро Татарчевски е професор на факултетот за музичка уметност во Скопје по група предмети од областа на диригирањето како и диригент на повеќе инструментални и хорски ансамбли со кои освоил највисоки награди на интернационални музички натпревари.







