„Теона Стругар Митевска третпат се претставува со свој филм во официјална програма на фестивалот во Венеција, по ‘Најсреќниот човек на светот’ (селекција Хоризонти, 2022) и експерименталниот ‘Дваесет и еден ден до крајот на светот’ (селекција – Авторски денови, 2023)“, соопшти Агенцијата за филм.
Новиот филм на режисерката е инспириран од животот на Мајка Тереза, „особено од нејзината внатрешна борба да ја оствари својата визија и хумана мисија“.
Продуцентката на филмот Лабина Митевска изјавува дека идејата за филмот почнала да се развива пред повеќе од десет години, за време на подготовките и снимањето на документарниот филм „Тереза и јас“, проект финансиран од Македонската радио-телевизија.
„Делото што го остави зад себе оваа жена, како и нејзината духовна енергија што сè уште се чувствува во Калкута, длабоко ја допре Теона и ја разбуди нејзината авторска потреба за ново филмско истражување. Оттаму започна нејзината соработка со еден од најистакнатите македонски писатели, Гоце Смилевски, кој по години посветено истражување и пишување го создаде сценариото за филмот ‘Мајка’ “, вели продуцентката Митевска.
Шведската актерка Номи Рапас („Девојката со тетоважа на змеј“, 2011) е во улогата на Мајка Тереза, актерот Никола Ристановски ја толкува улогата на отец Фредерик, а Силвија Фокс е во улогата на сестра Агнешка.
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Босна и Херцеговина и Данска. Поддржан е од Агенцијата за филм на Македонија, Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Белгиската национална и регионална филмска поддршка, Белгиската национална телевизија, Шведскиот филмски фонд, шведски регионални фондови, Филмскиот фонд од Сараево и Индиската канцеларија за поврат на данок.
Директор на фотографија е Виржини Сен Мартан од Белгија, долгогодишен соработник на Митевска. Сценографијата е на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев, сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ.
„Селекцијата ‘Хоризонти’ на Венецискиот филмски фестивал, која годинава ќе биде отворена со македонскиот филм ‘Мајка’, е наменета за филмови што внесуваат нови естетски и изразни правци во современата кинематографија. Особено се вреднуваат дела со иновативен пристап во раскажувањето, визуелниот стил и филмскиот јазик’, наведува Агенцијата за филм.
По повод новото претставување на македонската кинематографија на еден од најпрестижните филмски фестивали во светот, Агенцијата најави ексклузивни информации на прес-конференција со „Сестри и брат Митевски продукција“ в петок, 25 јули, во Спомен-куќата на Мајка Тереза. Ќе говорат директорот на Агенцијата за филм, режисерката Теона Стругар Митевска, продуцентката Лабина Мативска и членовите на филмската екипа.






