Со многу страст и префинетост виолинистката Панфили ја пренесе енергијата кон публиката која со многу емоции го пратеше ритамот на препознатливите звуци на тангото но и ги награди уметниците со долги аплаузи и стоечки овации.
Русанда, свирејќи на ретка виолина од 1610 година, донесе фузија на класична, филмска и фолклорна музика, воодушевувајќи ја публиката со својот проект Панфили и пријателите.

Русанда Панфили од Молдавија е светски позната виолинистка, композиторка и аранжерка со исклучителен музички талент. Таа исполнува различни музички жанрови, виолински концерти како оние на Шостакович и Сибелиус, разновидни дела од камерното творештво и широк спектар на музика за филмови од легендарните композитори, како Мориконе, Вилијамс, Зимер и Депла.
ФАМЕ’С Европскиот оркестарски изведувачки институт е основан во 2022 година во Скопје и е кофинансиран од проектот ФАМЕ`C, ЕУ (Креативна Европа) и Министерството за култура на РСМ. Програмата на Институтот е дизајнирана да ги подобри уметничките и индивидуалните вештини на младите талентирани класични музичари од Европа со отворање нови иновативни перспективи во обуката, професионализацијата и можностите за изведба преку иновативна оркестарска музичка програма.

Програмата става акцент на разновиден музички репертоар, овозможувајќи им на студентите да истражуваат широк спектар на жанрови: класична, филмска и музика од видеоигри, џез, модерна, современа и традиционална оркестарска музика. Целта е да се прошират нивните хоризонти и да им се овозможи осознавање нови вештини и музички стилови, надминувајќи ги традиционалните образовни практики.






