сабота, 31 јануари 2026

„Мафијадонија“ и „Џандари и арамии“, излегоа од печат книгите на разузнавачот Цветковски

Во издание на “Академска мисла” излегоа две книги на д-р Гроздан Цветковски, разузнавач и експерт од областа на безбедноста.

Објавено на

часот

Сподели

Првата, со интригантен и провокативен наслов “Мафијадонија”, е книга во која авторот Цветковски презентира секвенци од согледувањата за она што се случувало, се случува и најверојатно ќе продолжи да се слулчува во Македонија.

„Како хроничар на едно време-невреме, авторот со извонредна луцидност, внимателно, со намерно  избрани и нанижани архаизми и малку подзаборавени изрази, го жигосува она што сите го гледаат, доживуваат, но истовремено на еден изопачен начин го прифаќаат за нормално. Впрочем, Цветковски неологизмот ‘Мафијадонија’ го квалификува како ‘неорганизирана држава каде само апашлукот е организиран'”, наведуваат од издавачот.

Втората книга “Џандари и арамии” е интересна метафора за тие што треба да го спроведуваат законот, но и за оние кои себеси се доживуваат над законот, живеејќи во конфорната зона.

„Говори за полицијата, негативната селекција, дилентантизмот и отсуството на јасен концепт за тоа кој треба и може да работи во безбедносно-разузнавачките служби. Без дилема, инсајдерските согледувања на аномалиите во безбедносните структури како облик на институционален криминал, му овозможиле автентично и детално согледување и анализирање. Токму поради борбата против злоупотребите и самоволијата во безбедносно-разузнавачките служби, Цветковски бил жртва заедно со уште седум колеги во мугрите на распадот на поредокот во осумдесетите години во познатиот случај ‘Осуммината од МВР'”, велат од издавачката куќа.

Текстовите и во двете книги се лесни за читање, бидејќи авторот со едноставен и прецизен литературен израз е велемајстор на кусите колумни, во кои со минимално одбрани зборови ги доловува општествените состојби, феномени и деформации.

Двете книги можат да се набават во книжарниците на “Матица Македонска”.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ