понеделник, 15 декември 2025
Интервју

Лукровски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Карпош: Културата е нашата урбана сила,  младите се нејзините гласници

Сакам Карпош за четири години да биде како Берлин, тука живееш секој ден и си горд, не мислиш на селење во Германија или Австралија… Јас сум од Карпош, роден, израснат и образован тука и сакам Карпош да стане препознатлива културна дестинација, но и пример за тоа како уметноста, образованието и туризмот можат да работат заедно, вели во интервјуто за МКД.мк Сотир Лукровски, кандидат за градоначалник на скопската Општина Карпош кој во својата изборна програма има многу и за уметноста на улицата и креативниот туризам.

Објавено на

часот

Сподели

Вашата стратегија за културата во Карпош добива големо внимание. Зошто на средбите со граѓаните од Карпош ја споменувате културата како „двигател“ на општината?

– Затоа што културата е повеќе од уметност — таа е мотор на економски, социјален и духовен развој. Во еден урбан контекст како Карпош, каде живеат луѓе од различни профили, културата е она што нè поврзува. Таа создава простор каде што пензионерот, уметникот, ученикот и претприемачот можат да се сретнат, да соработуваат и да создадат нова вредност. Исто како и на средбите со граѓаните низ Карпош, доаѓате и гледате лепеза на генерации, од 17 до 77. Кога културата е интегрирана во секојдневието, таа ја стимулира и локалната економија – преку занаетчиство, гастрономија, туризам и млади претприемачи во креативни индустрии. Тоа е мојата културната призма за Карпош!

Во еден наврат зборувате пред граѓаните  на вашите средби за „улична уметност поврзана со образованието“. Како точно тоа изгледа на дело?

– Тоа е кога учениците не учат само од учебник, туку учат додека сликаат мурал на ѕидот од училиштето или соседната зграда со приказна за нивната заедница. Замислете младо девојче кое првпат држи четка и преку заедничка активност го учи концептот на еманципација или екологија. Културата во училишниот двор ја враќа радоста на учењето, ја намалува апатичноста и ги поттикнува децата да размислуваат критички и да изразуваат став. Истовремено, се гради самодоверба и чувство на припадност – вредности кои не се мерат со оценки, туку со искуство и тоа животно искуство. Тоа е капиталот чие иницирање ќе започне токму со мојот стручен тим во Карпош.

Каков е интересот на младите? Дали тие сакаат да учествуваат?

– Огромен. Младите сакаат простор каде што нивниот глас ќе се слуша – не формално, туку искрено. Уличната уметност е токму тоа, визуелен глас на едно лице или заедница. Кога ќе им понудите да сликаат на јавен простор, да создаваат нешто што ќе остане, тие не само што учествуваат, тие водат и напредуваат. Убавината е во тоа што тие ќе учат од искусни уметници, но и уметниците учат од нив. Се создава двонасочна инспирација и генерациско почитување. Се јакне креативноста и интересот за создавање и насочување понатаму на животниот пат на секој еден карпошанин.

Ќе има ли формално вклучување на училиштата?

– Да, и тоа системски. Училиштата не се само институции за настава – тие се културни јадра на секоја општина. Затоа, мојата програма предвидува конкретни активности во наставата – од ликовни проекти, до драмски групи и визуелна историја на Карпош преку мурали. Кога учениците гледаат дека нивната работа има влијание надвор од училницата, се зголемува мотивацијата, чувството на значење и личниот развој. Сатисфакцијата е за цела општина, а ефектите од истото ќе ги почувствуваме заеднички преку носење на повеќе посетители во Карпош.  Со други зборови, четиригодишната системска активност со правење на Карпош една урбана галерија ќе резултира со креативен туризам  и креативна економија.

Има ли простор за меѓународна поддршка? Или соработка со дијаспората?

– Секако. Денес културната дипломатија не се води само преку институции, туку преку локални приказни. Кога една млада уметница од Карпош создава мурал кој зборува за локална хероина, тоа е содржина што ја интересира и светската публика. Преку Creative Europe, EU4Culture, па дури и фондови можеме да привлечеме поддршка за овие иницијативи, а кофинасирањето ќе го обезбеди општината. А дијаспората? Таа е нашиот природен партнер – тие сакаат да се вклучат, да донираат, да дојдат со своите деца и да покажат, ова е нашето маало! Тука следат организирани летни креативни кампови во Карпош кои ќе работат на истата тема во следнитечетри години. Пак ќе споманам, ефектите сите ние во Карпош ќе ги почувствуваме.

Што добиваат граѓаните од сето ова?

– Добиваат чувство дека живеат во општина што се движи – не само физички, туку и духовно. Кога ќе видиш уметност во својот двор, кога твоето дете ќе води туристи низ мурална патека (училиштата, зградите, деловни објекти), кога пензионерите ќе раскажуваат приказни под сенка – знаеш дека културата не е елитна, туку е на сите нас од Карпош. Тоа создава сплотена, горда и здрава заедница, а пред се создава кретивна генерација на Карпош. Тоа се идните лидери, иноватори, претприемачи. Такви генерации сакаме да произведеме во нашиот Карпош.

Како сакате Карпош да изгледа за четири години?

– Како урбана галерија на ниво на Берлин, што не ја посетуваш само за викенд, туку ја живееш секој ден и си горд на истото. Не мислиш на селење во Германија или  Австралија… Јас сум од Карпош, роден, израснат и образован тука и сакам Карпош да стане препознатлива културна дестинација, но и пример за тоа како уметноста, образованието и туризмот можат да работат заедно. Со уметност на секој агол, со луѓе што се чувствуваат видени, слушнати и ценети. Тоа не е утопија – тоа е визија која веќе почнуваме да ја градиме со мојот тим.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ