недела, 14 декември 2025

Љутков: Се гледа крајот на реконструкцијата на зградата на театарот во Куманово

Започнува процесот на довршување и целосна реконструкција на зградата на Театарот при Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, соопшти денеска министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој заедно премиерот Христијан Мицкоски, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, министри и пратеници го посети објектот.

Објавено на

часот

Сподели

„Проектот, кој со години се реализираше со значителни застои поради недоволно обезбедени средства од страна на минатата власт, конечно добива целосна финансиска поддршка. Во периодот 2021 – 2024 беа инвестирани само 31 милион денари од вкупната проектирана вредност од 174 милиони денари. Денес, Министерството за култура и туризам и Владата на Македонија го комплетираат финансирањето со дополнителни 143 милиони денари, со што се овозможува непречена реализација на проектот во целост“, објави Љутков.

Како што наведува, во тек е електронската аукција и по спроведената јавна набавка за избор на изведувач се очекува да почне реализацијата, завршувањето е предвидено до крајот на 2026 година.

„Куманово конечно ќе добие нов, современ театарски објект – достоен простор за културна продукција и уметничко изразување на високо ниво“, посочува Љутков.

Реконструкцијата ќе опфати целосна внатрешна и надворешна санација на објектот, ќе се подобри енергетската ефикасност и пристапноста за лица со попреченост, ќе се засили конструкцијата, ќе се модернизира големата сала и техничката опрема, ќе се реновираат помошните простории и галерискиот простор. Гледалиштето ќе има капацитет од 189 седишта во партерот, 35 на галерија и дополнителни мобилни трибини вкупна површина: 1.191 метри квадратни (подрумско ниво, приземје и кат).

Овој капитален проект има за цел не само обнова на еден значаен културен објект, туку и создавање на современ простор за претстави, концерти, изложби и квалитетна работа на културните работници. Театарската зграда повторно ќе стане централна сцена на културниот живот во Куманово – достапна, модерна и инспиративна за сите, објави Љутков.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ