Колекцијата на овие научни книги е резултат на дводеценискиот проект на авторот и претставува серија од монографски дела од кои секое обработува една тематска целина.
Првите шест книги се посветени на: Раната старогрчка филозофија, на Сократ, Платон, Аристотел, Хеленизам и Рим и Доцна антика. Потоа следат четири книги кои го обработуваат влијанието на античката филозофија низ вековите сè до наше време: Античката филозофија и Византија, Античката филозофија и средновековието на Запад,
Античката филозофија и западното нововековие и Античката филозофија и словенскиот свет. За одбележување е што изданието во целина по својата сеопфатност и темелност е реткост во светската философска литература. Настојувањето на авторот да се изразува со едноставен стил и јазик овозможува и некои посложени философски проблеми да бидат разбирливи за пошироката образована читателска публика.
За значењето на овој голем научен и издавачки проект ќе говорат: академик Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ, проф.д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет и д-р Јасмина Поповска, професор по античка филозофија на Филозофскиот факултет од Скопје.






