На програмата ќе бидат изведени и дела од македонскиот композитор и аранжер Давор Јордановски („Violet et noir“ и „Alma“), како и дела од современата полска композиторка Ханија Рани („Buka“, „Eden“ и „Silent Night“).
Дуња Иванова е пијанистка со богата концертна дејност, доктор по филозофија со специјализација во естетика на музиката. Зад себе има бројни настапи како солист и со камерни состави на реномирани сцени во Македонија, Европа и Америка каде што публиката ја препознава по чувствителниот музички израз и длабокото разбирање на делата што ги изведува. Соединувајќи ја уметничката и теоретската мисла, таа ја гради својата кариера како интерпретатор, истражувач на музичката убавина, наставник и автор.
Концертот „Кругови“ обединува музика на тројца исклучителни автори кои со својот уникатен музички израз чинат неверојатна приказна.
Ханиа Рани е полска пијанистка и композиторка чија музика ги спојува минимализмот, џезот и современата класика во интимен и искрен израз.
Дино Имери е еден од најистакнатите македонски пијанисти и композитори чија кариера ги опфаќа настапите со најреномираните оркестри и фестивали во Европа и пошироко. Добитник е на повеќе престижни награди и признанија, а неговите интерпретации се одликуваат со извонредна техника, суптилна музичка мисла и силна комуникација со публиката. Покрај класичниот репертоар, Имери е активен и како композитор со дела што се изведуваат на меѓународната сцена.
Неговото дело „Кругови“ е инспирирано од истоимениот роман на македонската современа авторка Тина Иванова – четиво кое низ интимен и искрен раскажувачки тон ги отвора прашањата за повторувањата и пресвртот во животот, за круговите што нè враќаат кон себеси, но и нè водат кон нови патеки на разбирање.
Давор Јордановски, македонско-канадски композитор и пијанист, е познат по својот креативен пристап кој спојува класични и современи музички јазици, создавајќи дела со моќна емоционална длабочина и универзална привлечност. Композициите „Violet et noir“ и „Alma“ претставуваат најава за наредниот целовечерен концерт на Дуња Иванова на кој ќе биде изведен циклусот „10 пурпурни ноктурна за пијано“ на Јордановски.
Концертот е дел од Годишната програма на Министерството за култура на РС Македонија.
Влезот е слободен.






