среда, 18 јуни 2025

Концерт на Пламенка Трајковска за најмладата публика

На 1 јуни, со почеток во 12 часот, во игротеката „Дрим зона“ во Дајмонд Мол ќе се одржи уникатен музички настан – концертот „Музика и цртан филм“, посветен на најмладата публика. Настанот претставува ретка можност деца од најрана возраст да ја доживеат магијата на класичната музика преку изведби на живо, комбинирани со адаптации од омилени цртани филмови.

Објавено на

часот

Сподели

Концертот е во организација на Пламенка Трајковска – виолинистка, композитор и членка на Државната филхармонија, како и основачка на музичката организација „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“. Со богата професионална биографија и оригинални мултимедијални проекти, Трајковска е посветена на мисијата да ја приближи класичната музика до пошироката публика, особено до децата.

Во пресрет на концертот, Трајковска ги сподели своите размисли за инспирацијата и предизвиците на овој проект:

„Цртаните филмови се медиум кој најнепосредно допира до детскиот свет. Во нив има прекрасна музика, често базирана на класични композиции. Нашата цел како камерни состави е да ја доближиме класичната музика до најмладите, а преку познати и сакани теми од цртаните филмови, таа станува блиска и препознатлива,“ изјави Трајковска.

Таа додава дека концертите не се само уметничко туку и образовно искуство: „Слушањето класична музика во живо е доживување кое не може да се спореди со слушање снимки. Живиот звук носи енергија, нијанси и динамика. Децата учат да ги препознаваат инструментите, ритамот и мелодијата, што ги развива нивната емоционална интелигенција, концентрација и креативност.“

Подготовката на концертот е комплексна: „Адаптацијата на музика од цртани филмови за гудачко трио е предизвик – треба внимателно да се изберат темите, да се аранжираат кохерентно и да се спојат со видео-содржини. Најважно е да се задржи уметничкиот израз, а притоа сè да биде ведро, игриво и лесно разбирливо за децата,“ објаснува Пламенка.

За крај, таа истакна: „Најголемата награда е кога децата излегуваат од концертот како наши нови пријатели. Тогаш знаеме дека сме им ја отвориле вратата кон магичниот свет на класичната музика.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ