Романот ќе биде претставен од издавачот и книжевен критичар Пламен Тотев, преведувачот Маријан Петров и од авторот Сашо Огненовски.
„Романот ‘Турнеја’ е безмилосна сатира за проблемите во театарската институција. Уметноста е уништувана малку по малку од желните за власт псевдоинтелектуалци. Брилијантно конструираните ликови на Сашо Огненовски ги доживуваат своите лични трагедии на фонот на непрестаен распад, придружен со многу хумор и иронија. А загатката за тоа кој е мистериозниот Азазел (или Арлекин или Бегемот) којшто потпишува смртни пресуди зад сцената го држи читателот на нокти до последната страница. Прашањето е кој ќе преживее последен“, се вели во најавата за промоцијата од Културно-информативниот центар.
Сашо Огненовски (1964, Битола) е актер, режисер и писател. Дипломирал на Факултетот за театарска уметност во Скопје 1987 година. Магистер по ПР и медиуми. Работел како наставник на Педагошкиот факултет во Битола. Има над 100 улоги во Народниот театар во Битола. Автор е на над 10 книги поезија, проза, драми и истражувања.






