„Со оглед што одбележувањето на Петровден во Кочани трае во текот на целата недела, оваа активност претставува завршница на програмските активности за овогодишното празнување. Имаме педесетина поети и гости од литературните клубови од Штип, Велес, Струмица, Куманово, Прилеп и другите градови, кои се претставуваат со авторска поезија по повод празникот, но темата на која твореа беше слободна. Се работи за традиционална годишна средба на поетите од државата и таа се одржува во различни градови, а Петровден беше повод сега ние да бидеме домаќини“, истакна Раче Мицов, претседател на литературниот клуб „Копнеж“.
Гости на Петровденската поетска средба беа и членови на Афористичката репрезентација на Македонија, кои се претставија со најнови афоризми поврзани со актуелните дневно-политички случувања и за релациите маж – жена.
Во културно-забавниот дел на поетската средба учествуваа фолклористите од Ансамблот за традиционална музика и игри „Митко Алексов“ од Кочани, кои настапија со повеќе изворни песни и ора од Осоговијата.