Бројот е отворен со истражување околу потенцијалот и можностите за отворање Агенција за книга која би имала задача да помогне во претставувањето и афирмацијата на македонската литература во светот во авторство на Верица Мукоска, потоа следи избор проза од: Стефан Марковски, Сашко Насев, Митко Маџунков, Митко Бојаџиски, Владо Јаневски и Софија Тодороска. Авторите Димитар Пандев, Милчо Мисоски, Гордана Каракашевска, Кристијан Блажевски, Загорка Поп-Антоска Андовска и Пепи Стамков се застапени со поезија.
Во бројот е застапена и драмата „Среќен мртовец“ на Марјан Анѓеловски. Во прилозите приопштувања застапени се препеви на македонски јазик од: Јури Талвет, Душан Гојков, Амина Булиќ, Станка Раџеновиќ – Станојевиќ, Анѓелка Корчуланиќ и Валентина Бактијаревиќ.

Во рубриката Интерпретации, каде се застапени есеи и трудови посветени на литературата, доминираат прилози на автори од помладата генерацијa: Исток Улчар, Симона Китановска, Марија Цветкоска, Софија Тодороска.
Уредничкиот тим на списанието предводен од Стефан Марковски, Снежана Стојчевска, Никола Алтиев, Мишо Китаноски и Верица Мукоска и во овој број застапи интервју и 12 прилози со рецензии за дела од современата македонска книжевност во делот Вреднувања, вклучувајќи прилози од: Вера Стојчевска – Антиќ, Васил Тоциновски, Снежана Стојчевска, Никола Алтиев, Владимир Мартиновски, Бобан Ристевски, Марина Мијаковска и Долорес Атанасова Лори.
Застапено е интервју со српскиот писател Миодраг Мајиќ кое го водеше Тони Димитров.
Крајот e проследен со информација за четирите значајни македонски авторски имиња кои нè напуштија оваа година во периодот јануари/февруари: Радован П. Цветковски (1931 – 2022), Драги Михајловски (1951 – 2022), Радован Павловски (1937 – 2022) и Луан Старова (1941 – 2022).
Илустрациите во првиот број за 2022 година се дело на Буба М. Солак, а истиот наскоро ќе биде достапен во книжарниците на: „Антолог“, „Литература.мк“, „Три“ и други.






