Во описот на промотивното видео се истакнува:
Чувствотворен јазик создаден од чувства. Јазик што создава чувства. Чувствотворен јазик. Поетскиот јазик ја има моќта да ги пресоздаде чувствата во нови зборови што ќе ја сменат нашата претстава за светот, па така станува и чудотворен јазик. Предизвик за поетот е низ вдахновена потрага да ги пронајде вистинските зборови со кои ќе ги сврзе Убавината и Смислата во песна. Но денес, поетскиот јазик станува предизвик и за најновите трендови на алгоритмите на вештачката интелигенција коишто генерираат јазик врз поинакви принципи, врз принципите на семантички корелации и математички пресметки. Дали поетскиот јазик може да се симулира? Ги допираме ли границите на човекувањето. Во постојаниот порив да го совладаме светот, ќе бидеме ли заробени во матриксот на невронските мрежи?
Во Програмата на Струшките вечери оваа година е предвидена Тркалезна маса на тема: Поетскиот јазик и вештачката интелигенција.