Годинешниот лауреат, во присуство на македонските и странските поети, изјави задоволство што ја има честа и неговото дрво да се најде во леата со светските поетски великани.
„Струга има свој мост, дом и парк на поезијата. Прекрасна е идејата секој поет што ќе добие ‘Златен венец’ да засади дрво. Еден ден овде ќе имаме и шума. Еден ден кога нас ќе нѐ нема ова дрво ќе продолжи да расте и да се развива“, рече Урошевиќ.
Свеченото отворање на 62. издание на фестивалот ќе се случи вечерва со почеток во 20 часот на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.
На „Струшките вечери на поезијата“ најавено е присуство на околу 25 поети од странство и 40-тина од државата.
Фестивалот, кој ќе трае до 28 август, се одржува под мотото „Чувствотворен јазик“.







