Инспиративната и амбициозна Николова зборува за многу важни теми и секојдневно мотивира и допира до нејзината публика на свој уникатен и препознатлив начин.
Ксенија, на што те научи периодот со пандемијата на ковид-19?
–Во текот на пандемијата научивме што значи да се биде сам со себе, колку може човек да работи на себе и кога нема многу можности за социјализирање, дружење и пласирање на она што го работи. Јас во пандемијата го напишав мојот последен роман ,,Незадоволна’’ и сметам дека продуктивно го искористив тој период. За нас писателите е доволно да си ја имаме инспирацијата.
,,Незадоволна’’ имаше навистина голем одѕив кај македонската читателска публика. Што беше поразлично кај овој роман од останатите твои книги?
–Сметам дека романите кои се напишани од женски агол како што е случајот со ,,Незадоволна’’ малку поинаку допираат до публиката. Сепак, мојата публика е женска. „Незадоволна“ е современ роман во кој можат да се пронајдат повеќето жени.
За она што сега го подготвуваш ќе кажеш дека е три скалила погоре од се останато. Станува збор на нова книга од тебе. Па ајде малку повеќе да им откриеме на нашите читатели.
–Со оглед на тоа дека повеќето мои книги се преведуваат и на странски јазици јас се соочив со тоа што значи да се изгуби суштината на напишаното при преводот. Мојата читателска публика во странство ми потенцира дека некои делови од книгите не можат да допрат до нив бидејќи се гледа дека се преведувани. Затоа, се одлучив новиот роман да го пишувам на англиски јазик. Јас и моите студии ги завршив на англиски јазик и ми е многу драго што можам ете да творам и на тој јазик. Секако, романот ќе се преведе и на македонски јазик.
Моите книги се преведени на англиски, руски и на бугарски јазик. Барем засега. И тоа за мене е навистина остварување на еден голем сон. Повеќето автори сонуваат за тоа. Посебно кога доаѓаш од мала земја како Македонија, па предизвикот е поголем и секако потребен е поголем труд и време. Сепак тоа за мене претставува голем успех.
Честопати говориш на социјалните медиуми на важни општествени теми, за анксиозноста како состојба, депресијата, неплодноста, за теми од секојдневието за кои се уште како да фали храброст да се отворат. Инспирираш и охрабруваш повеќе илјадници следбеници на кои им значи твојот глас. Колку е важно да се говори за овие теми и која е пораката која сакаш да ја пренесеш?
-Дефинитивно, сметам дека оној кој има глас во општеството треба истиот да го искористи и позитивно да влијае на својата публика. Доколку јас како човек кој се соочувал со овие теми имам нешто да раскажам, некому да помогнам или советувам јас сакам тоа да го направам. Колку и да е тоа табу тема. Сметам дека и веќе полека ги уриваме тие табу теми. Анксиозноста не е веќе табу тема. Секој втор се осмелува да зборува за неа, што е многу добро.
Пораката е дека луѓето кои се соочуваат со сето ова потребно е да знаат дека не се сами.
Како креатор на социјалните медиуми ни најавуваш нов проект. Станува збор за интерактивна дигитална платформа „Better women, better world“. Од каде доаѓа идејата за оваа платформа и која ќе биде првично нејзината цел?
-За себе можам слободно да кажам дека сум човек кој многу сака да работи. Сметам дека среќата извира од работата. „Better women, better world“ е буквално мојата работа од соништата. Проект кој одамна го посакувам. Станува збор за платформа, мини социјална мрежа која ќе служи за поддршка на секоја жена. Место каде ќе се говори за многу важни теми, ќе учиме, ќе се надградуваме и ќе споделуваме. Кон крајот на јуни очекуваме да излезе во етер, а дотогаш ќе откриваме чекор по чекор.
Дали денес жена на жена може да ѝ биде поддршка?
–Сметам дека има простор за напредок. Се повеќе слушам и сведочам за настани каде што жените си се поддршка. И верувам дека одиме кон подобро. Но, ги разбирам и жените кои се осмелуваат да застанат на патот на друга жена. Тоа доаѓа од сопственото незадоволство и несигурност. На тоа се работи.
В.П.






