Објавени се „Замисли правта да припаѓаше само на другата страна“ од естонскиот поет Јури Талвет, која ја доби интернационалната награда „Ацо Караманов 2023“ и „Поинаков сон“ од поетот Ивица Челиковиќ којашто ја доби книжевната награда „Караманов 2023“ за најдобар необјавен поетски ракопис од македонски автори и автори кои пишуваат на македонски јазик. Покрај овие два ракописи од печат излегоа и поетската книга „Апосемична мимикрија“ од младата поетеса Димитра Десановска Ставрев за најдобро дебитантско остварување и „Панорама на 50. Караманови средби“ приредена од писателот Борче Панов.
Советот на Средбите ја објави и програмата која изобилува со богати културни и уметнички содржини во знак на големиот јубилеј 50 години од „Караманови средби“, во чест на младиот гениј Ацо Караманов, поет и борец за кого слободата била „петто календарско време“.
Во рамките на манифестацијата ќе се доделат и специјална награда на поетесата Љубинка Донева за нејзинот поетски ракопис „Монолог на пирејот“ како второпласиран ракопис на конкурсот за македонски автори. Ќе се доделат и награди за најуспешните млади литерати, кои се јавија на конкурсот објавен од Центарот за култура „Ацо Караманов“ Радовиш.
Централните поетски фестивалски содржини на јубилејните 50. „Караманови средби“ свечено ќе ги отвори покровителот на средбите Ацо Ристов, градоначалник на Радовиш, а беседа за Ацо Караманов и фрагменти од неговата монодрама „Јас сакам да станам поет“ ќе прочита Доне Донев, артист, публицист и поет. Фестивалот ќе биде збогатен и со изложба на дел од збирката со скулптури и избрани дела од 60. Меѓународна струмичка ликовна колонија, а ќе настапи и музичкиот состав „Дуо Либерта“ со популарното „Либер танго“ и со други класични композиции.
Во рамките на фестивалот ќе бидат промовирани сите наградени книги, а ќе биде прикажан и документарниот филм за Ацо Караманов од серијалот „Поети и револуционери“.