понеделник, 8 декември 2025

„Читај ја Македонија!” – македонска книжевна вечер во Долгопрудни, Русија  

Овие денови во Долгопрудни, град што се наоѓа во близина на Москва, по 19-ти пат се одржува Театарскиот фестивал „Долгопрудненска есен 2025” љубителите на театарската уметност го сметаат за значаен културен настан. Како домаќин на фестивалот по традиција се јавува долгопрудненскиот театар „Город” – проверен пријател на Македонија. Театарот повеќе пати беше учесник и лауреат на фестивалот на античката драма во Стоби. Директорката на театарот Жанета Арутјуњан признава дека од своето прво доаѓање во Македонија артистите ја засакаа оваа земја.

Објавено на

часот

Сподели

„Со нив мене како претседател на невладината организација ‘Македонски културен центар’ во Москва ме поврзува дамнешното пријателство. Годинава на фестивалот по традициjа одржав литературна средба. Овој пат таа беше насловена ‘Три столба на македонската книжевност: Гане Тодоровски, Влада Урошевиќ и Горан Стефановски’ во рамки на мојот проект ‘Читај ја Македонија!’“, изјави Олга Панкина.

Пред гостите беше прочитан во оригинал и во препев на руски избор поезиjа од великанот на македонската поезија Гане Тодоровски, прв амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација, од билингвалната книга „Македонски монолог” објавена во Москва на инициjатива на Олга Панкина коjа jа состави, преведе и подготви за печатење. Панкина, која подолго време работеше заедно со Гане Тодоровски во Македонската амбасада во Москва, рече: „Со книгата би сакала да му изразам моја почит на Гане како дипломат, преведувач, професор, есеист, книжевен критичар, историчар, публицист и пред се како поет. Уверена сум дека оваа поетска збирка ќе ја збогати претставата на рускиот читател како за неговото исклучително творештво, така истовремено и за вредностите на македонската поезија во целина”.

Богатото творештво на Влада Урошевиќ веќе им е добро познато на руските читатели благодарение на објавените, во превод на Панкина, две поетски збирки „Пеjач во кулата” (за која во 2017 година Влада Урошевиќ jа доби највисоката руска награда за поезија „Златен витез”) и „Jужна sвезда”, книга раскази „Дирижабл над поле со пченки” и романите „Невестата на змеjот”, „Дива лига” и „Маџун”. Публиката имаше можност да го слушне извадокот од романот „Маџун” кој го прочита еден од актерите на театарот „Город”. Присутните на настанот му ги упатија честитките на Влада Урошевиќ по повод неговиот 91 роденден.

Потоа Олга Панкина ги запозна присутните со Горан Стефановски – македонски драматург од светски ранг. Артистите на Театарот „Город” блескаво ги одиграа двете сцени од драмата „Чернодрински се враќа дома”: Панаѓур на Ѓурѓовден во Jуџбунар и Што се случи насабајле по свадбата. Публиката не го криеше восхитот, а театарските критичари присутни на настанот ја оцени македонската драматургија како нешто квалитетно, интересно, со балкански дух.

На крајот на сите заинтересирани Олга Панкина им подари книги на македонските автори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ