Јубилејниот 60-ти Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ ќе се одржи од 5 до 12 јуни во Прилеп, одлучи собранието на Фестивалот.
„Во тек се подготовките и тимот активно работи Фестивалот да има достоен јубилеј, креативна програма и да се комплетира идејата за Прилеп како град театар“, вели Ана Стојаноска, уметнички директор на Фестивалот.
Фестивалот ќе се одржува со мотото „Храбриот нов театар“, а автор во фокус е Дејан Дуковски.
„За мене, овој јубилеј е можност да се направи своевидна ретроспектива на претходниците, исклучителните театарски уметници, кои го создале фестивалот и го одржувале со години, како и да се создаде мост кон иднината, која треба да ја донесат нашите наследници“, рече Стојаноска и додаде дека фокусот на фестивалот е да ја презентира современата театарска продукција во насока на создавање нова естетика.
Мотото на јубилејното издание е „Храбриот нов театар“, според насловот на денес култниот роман на Хаксли – „Храбриот нов свет“ од 1932.
„Театарот сам по себе треба да е став, гласен, надвор од секоја кутија, од секоја комфор-зона. Затоа и мотото е тоа, ‘Храбриот нов театар’! Или ‘Надвор од кутијата’! Или ако одиме уште поактивно – ‘Театар без молк – свет без рамнодушност’“, објаснува Стојаноска.
За време на Фестивалот ќе се одржат промоции, дискусии, тркалезни маси по секоја претстава, а ќе се реализира и програмата „Драмолетање 2.0“. Посебен ден ќе биде издвоен за творештвото на авторот во фокус. За дизајнот на плакатот се погрижи Ема Велкова.
Покровител на Фестивалот ќе биде претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Фестивалот и годинава ќе се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам и Град Прилеп.






