Концептот на ова Биенале го напушта форматот на претходните биеналиња (изложба во МСУ – Скопје и доделување награди), овозможувајќи динамична платформа за развивање на практики и дела во дијалог со кураторите и другите учесници во процесот. Новина е, исто така, дека 15. Биенале ќе биде дисперзирано и ќе се одвива на различни локации во Скопје и други градови со цел креирање на уметнички и културни изложбени модели кои нудат поврзување со различни социјални и урбани контексти.
Овој пат, учеството не е ограничено со возраст (до 35 години), ниту само на учесници со формално образование (професионални уметници). Повикот е отворен за ликовни-визуелни уметници, но и за дизајнери, архитекти, перформанс-уметници, писатели, студенти и други. Овaа промена во формата на повикот ги одразува и современите начини на работа, но претставува и рефлексија на некои од првичните импулси на Биеналето, кои се залагале за проширување на слободата на изразувањето.
Сите заинтересирани се поканети да испратат селекција на реализирани, но и проекти кои се во нивната почетна скицираност, односно во самата иницијална фаза на процесот на создавање, укажувајќи на форми кои се карактеристични за рани фази на творештво (Early Works) – како цртежи, макети, акции во јавен простор, графити, интервенции, перформанси, Concrete poetry, кратки видеа или радио-поткасти…, но исто така и дела кои се реализирани во „поконвенционални“ формати, како слики и скулптури. Кураторите потенцираат: „Заинтересирани сме за дела кои се елементарни, дури и ‘недовршени’ во својот изразен формат, но авангардни, автентични и радикално визионерски на идејно и концептуално ниво“.
Zаинтересираните можат да ги испратат портфолијата или линковите до веб-страници и профили (Instagram итн.) со своите дела на [email protected], најдоцна до 24 август. Ако делата се со идеја да бидат изведени на специфична локација (улица, јавна институција, итн.), наведете.






