Изложбата „Слики од под планината“ е збирка на дваесет платна во масло.
„Сергеј Андреевски не е само уметник, тој е свештеник на бојата, поет на светлината, монах на линијата. Неговата четка не создава предмети, туку молитви во боја. Во неговиот свет, формата е збор, бојата е мисла, а сликата е свето писмо во тишина.
Секое негово платно дише, та ти се чини дека го чувствуваш како пулсира со некоја внатрешна енергија, со благост и светлина што не потекнува од сонцето, туку од внатрешното небо на човекот. Погледот не стои пред неговите слики, туку се поклонува, та ти се чини дека во нив се влегува, како во храм, со воздив и молитвено срце.
Во неговите зелени предели, во ликовите што ги милува светлината, во жената што тивко седи под лозата, во детето што го сонува хоризонтот, во човекот што стои пред бескрајот, се чувствува првото создавање, она кога Бог рече: ‘Нека биде светлина“. Секоја зелена нијанса кај него е спомен на рајот, секоја сенка е спомен на падот, а секој зрак е исповед на враќањето“, ја опишува содржината на дваесетте изложени дела, Зоран Пејковски, директорот на Македонскиот културно – информативен центар во Софија.

На отворањето на изложбата на Андреевски во Софија, се обратија и в.д. амбасадорката на Македонија во Бугарија, Агнеза Поповска-Руси, како и македонистката од Институтот за македонски јазик, Елка Јачева – Улчар.
„Сите што беа присутни на оваа изложба не беа само сведоци, туку, беа учесници во света тајна, би рекол, причесници на светлината. Во секоја слика почувствувавме како нешто невидливо да се движи низ бојата, како тишината да добива глас, а светлината да зборува со љубов и за љубов.

Оваа изложба е потсетник дека уметноста е пат кон светлината, дека генијот е секогаш смирен, и дека вистинската убавина е секогаш тивка.
Боите на Андреевски нè учат да гледаме со срце, да го слушнеме шепотот на светлината, да го препознаеме Божественото во секој човечки здив. Неговата тивка, но возвишена посветеност е служба на духот, молитва за светот, песна за Македонија што не згаснува.
И затоа, нека оваа изложба се памети не само како уметнички чин, туку како воскресение на светлината, како доказ дека човекот сè уште може да се поклони пред убавината, и во неа да го најде Бог“, порача директорот Пејковски, на отворањето на изложбата на Сергеј Андреевски во МКИЦ, во Софија.






